Економија, финансии, бизнис

Контакт

Поскапува преносот на природен гас во Македонија?

Поскапува преносот на природен гас во Македонија?

АД ГА-МА, друштвото кое од лани е во целосна сопственост на државата, до Регулаторната комисија за енергетика поднесе барање за поскапување на цената за пренос на природниот гас во Македонија.

Претпријатието кое управува со единствениот систем за пренос на природен гас и од тоа го добива својот основен приход, бара корекција на тарифата до крајот на годината. Проценката на ГА-МА е дека до крајот на 2022 во грејната сезона треба да се пренесат 225 милиони нормални метри кубни гас, но овој пат наместо 1,15, бара 1,55 денари по пренесен метар кубен. 

Очекувањата се дека тоа за краток период на акционерското друштво ќе му донесе заработка од 7,13 милиони евра, наместо нешто помалку од досега проектираните 5,7 милиони евра. Поскапувањето, доколку тоа го прифати РКЕ, би било за 35 отсто.

Од АД ГА-МА ни одговорија дека поскапувањето се прави поради „балансна и билансна потреба“, затоа што редовен клиент во изминатиот период бил единствено „Макпетрол“ како снабдувач, додека гасната централа ТЕ-ТО и другите оператори не работеле редовно. Од таму велат дека се работи само за краток период и дека крајниот збор ќе го има регулаторната комисија. Тврдат дека изминатите години основната услуга имала тенденција секоја година на редовна основа да поевтинува и дека ова е прва ваква тарифа по подолго време.

Фирмата инаку наплаќа за користење на нејзиниот гасоводен систем. Компанијата е сопственик на транспортниот гасоводен систем во Македонија и е единствена по својата дејност во земјава. Солидните приходи се сведуваат на наплата од т.н. „патарини“.ГА-МА има околу 100 километри магистрална гасоводна мрежа и уште 25 километри разводна мрежа за Крива Паланка, Куманово, Гиновци, Кратово, Скопје – југ и Скопје – север 


Акционерското друштво во државна сопственост ГА-МА во својата прва година „условно“ без партнерот „Макпетрол“ оствари добивка од 3 милиони евра, покажуваат податоците на ревизорскиот извештај за 2021. Приходите на АД ГА-МА се за 1,3 милиони евра повеќе од една година претходно и вкупно изнесуваат 7,85 милиони евра. Добивката за 2021 е за околу 870.000 евра поголема од една година претходно. 

А.К.

Слично

Поврзани вести