Економија, финансии, бизнис

Контакт

ПОСКАПЕНИ АКЦИЗИ ЗА ЦИГАРИ: Ќе цути ли шверцот повторно?

ПОСКАПЕНИ АКЦИЗИ ЗА ЦИГАРИ: Ќе цути ли шверцот повторно?
Последната одлука на Светската здравствена организација за зголемување на акцизите за цигарите, ќе ја намали потрошувачката, ќе ја стимулира продажбата на црно, но ќе ги намали приходите во буџетот, велат домашните агроексперти. Ваквата одлука на СЗО ќе влијае и врз работата на тутунските компаниии во земјава, но нема да има значително влијание врз производството на тутун.
- Значи со зголемувањето на акцизите секако би имало некое намалување во потрошувачката, но истовремено и драстично зајакнување на црниот пазар на тутунски преработки, а автоматски и намалување на приходите во буџетот. Македонија не е земја од типот на Ирска каде тутун не успева. Кај нас ако цените на цигарите станат претерано високи како што тоа е случај во развиените земји во Европската унија, пушачите ќе почнат сами да си купуваат тутун од црниот пазар како што веќе и многумина го прават. Значи не треба да  го занемариме примерот со прохибицијата со алкохолот во САД. Таму поаѓајќи од интелектуалниот занес и наводното душегрижништво донесуваат такви апсурдни закони кои подоцна предизвикаа интензивен развој на организиран криминал и негово зајакнување со кои и ден денес се борат. Значи се што е претерано финансиски оданочено создава идеални услови за криминал.Дали тоа би се одразило на фабриките за цигари. Одговорот е да секако, но во која мера тоа тешко би можело да се предвиди. На производството на тутун не би имало некој посебен одраз. Тоа од причини што во светски рамки Македонија учествува со 0,50 % во светското производство. Повеќе би биле оштетени некои големи производители на тутун од крупнолисните типови, а Македонија е производител на ситнолисни ориенталски тутуни кои во сегашните марки на цигари учествуваат со 5 %. Значи проблемот е поглобален, вели проф. д-р Златко Арсов,  од Катедрата за специјално поледелство и тутун при Факултетот за земјоделски науки и храна.
На конференцијата што се одржа во Москва, СЗО го усвои водичот за имплементација на мерки по однос на членот 6 од Рамковната конвенција, а кој се однесува на давачките кон тутунските производи. Се одлучило да се следи препораката од СЗО од 2010 година, односно вкупното одданочување на тутунските производи треба да надмине ниво од над 70 % од малопродажната цена.  Сите земји во светот да воспостават единствен систем на оданочување на тутунските производи кој во овој момент го има ЕУ , што значи акциза и ДДВ за секој тутунски производ. Професорот Арсов вели дека одлуката до некаде е во ред бидејќи сите земји во светот немаат еднаков систем на одданочување на тутунските производи и треба на светско ниво да има усогласување, посочувајќи дека зголемувањето на акцизите не новина за Македонија.
- На пример ако некоја марка на цигари во малопродажбата чини 100 денари, тоа автоматски значи најмалку 70 денари да би биле за државата, а само 30 ден би биле за производителот и трговецот на големо и мало. Препораката за воведување на толку многу високи акцизи се темели на некое си под наводници објективно истражување од СЗО дека со  зголемувањето на акцизите, а со тоа нормално и на цената на цигарите за 100 %, нивната потрошувачка би се намалила за 50 %. А со тоа за толку би опаднале и ризиците од пушењето. Како и да е во Македонија просечното одданочување на цигарите во овој момент е над 60 %, а во законот за акцизи е наведено дека истите ќе треба и понатаму да се зголемуваат се до достигнување на 70 % од малопродажната цена во рок од неколку години. Акцизите и ДДВ-то се однесуваат за цигарите кои се продаваат на домашниот пазар  и се важат во извозот. Значи сето ова за Македонија не е ново и веќе е одамна е во примена. Министерството за финансии не чекаше некој нас да ни каже.Тие следеа некоја препорака од ЕУ, која за пополнување на празен буџет е многу добредојдена, а не во крајна линија за здравјето на пушачите, вели професорот Арсов.
Рамковната конвенција на СЗО предвидува намалување на површините со тутун Рамковната конвенција за контрола на тутунот  Македонија ја ратификуваше во 2006 година. Целта на конвенцијата е континуирано и значително да се редуцира распространетоста на употребата на тутун и изложеноста на чадот од тутун. Вкупно 176 земји се потписнички на Рамковната конвенција за контрола на тутунот. На почетокот на годинава стопанствениците реагираа дека голем дел од учесниците во подготвувањето на конвенциите за против пушењето и промовирањето на здравствената заштита на населението во Македонија  биле медицински експерти и непушачи, кои што имале строго погрешно мислење за тутунот, гледајќи само за неговата штетност без земање на неговите огромни позитивни социјални и економски значајности за нашата земја. покрај тоа што сме потписници, не сме обврзани да ги намалиме површините, но ќе бидеме принудени ако тоа го сторат другите земји. Македонските тутнопроизводители веќе побараа Владата да не ги поддржи препораките на  Светската здравствена организација за намалување на производството на ориентален тутун. Според тутунарите зголемувањето на акцизите и препорката за намалување на површините, ќе значи пропаст на над 40.000 семејства кои живеат исклучиво од производството на тутун.
- Секако дека ваквите одлуки се погубни за нас.Ако тоа се случи од што ќе живеат овие над 40.000 семејства, кои сега егзистираат од тутунот?Не требаше да се потпишува таа конвенција. Ние не бараме работа во администрација, ние сами си наоѓаме работа, а тоа за нас е тутунот. Знаете ли колку е тешко ова производство, цела година се работи. Уште лани потпишавме петиција, дека не се согласуваме со ваквата конвенција. И тогаш ставот на Владата беше дека нема да прифати намалување на површините, и сметаме дека тој став не смее да го промени, вели Алија Сали, претседател на Здружението на тутунари од скопско Студеничани.
Доколку се започне со намалување на површините, тогаш дел од тие што се засадените со тутун ќе треба да се пренаменат. Тутунарите велат дека е тешко друга култура да успее онаму каде што претходно се садело тутун, но дека има региони каде што може да се пренаменат површините.
- Има реони во земјава каде што можат да се засадт други култури. Но во секој случај ваквите одлуки на СЗО се многу тешки илошо ќе влијаат, кај нас тутунот со векови се сади, многу семејства егзистираат од ова производство, и ваквите одлуки ќе предизвикаат сиромаштија и беда, вели Данчо Милевски, петседател на Сојуз на здруженија на тутунари.
Владините политики, почнувајќи од висината на субвенцијата едно евро за килограм откупен тутун и најбрза исплата, ги мотивираа земјоделците од година во година да ги зголемуваат површините, па дури во тутунопроизводство влегуваа и земјоделци кои претходно одгледувале други култури.Се тоа доведе до до зголемување на површините и производството на тутун. Вкупното производство во 2008 година изнесувало 17.056 тони, а во 2012 година изнесуваше близу 28.000 тони што е за 33% повеќе од претходната 2011 година, додека реколатата 2013 со 32.000 тони беше најголемото производство во последните 10 години.
- Годинашната реколта беше предвидено да изнесува 26000 тони, но се цени дека има 29000 тони. Значи еден дел од тутунопроизводителите имаат насадено повеќе тутунот од тоа што е договорено. Тоа произлегува од профитабилноста на културата и од големата сигурност во откупот. Во немање на други сигурни земјоделски култури голем дел од земјоделските производители се решаваат за тутун. Македонија не требаше да ратификува Рамковната конвенција. Самото нејзино прифаќање во собранието во текот на 2006 година е погрешно презентирано. Значи медицинските лица кои во учествуваат во првите фази од нејзиното разгледување истата ја претставија само од медицински аспект, комплетно го пренебрегнаа нејзиното мултидисциплинарно значење. Таа третира не само прашања од областа на медицината-здравството, таа се однесува за целото тутунско стопанство. Значи едноставно кажано таа е погрешно преставена во нашата јавност и истата така речено е усвоена на превара. Особено се штетни членовите 17 и 18 со кои се бара запирање на секаква државна подршка на тутунопроизводството и преорентација  код други култури, вели професорот Арсов.
Познавачите велат дека засега ставовите на конвенцијата не се обрзувачки, сеуште се остава на државите сами да олучуваат и да ги сносат последиците на свој грб. Но укажуваат дека Македонија имала можност извесен период да го одложува потпишувањето. И покрај тоа што сме потписници, не сме обврзани да ги намалиме површините, но ќе бидеме принудени да ги намалиме и површините и субвенциите ако тоа го сторат другите земји. Наместо помалку годинава се произведе повеќе тутун Годинава пред почетокот на реколатата министерството за земјоделство и им порача на земјоделците да го намалат производството за 17 отсто, односно реколатата да тежи од 25.000 до 26.000 тони, и  толку да се откупат. Со тутунарите беше договорено, оние  кои произведуваат над 1000 килограми,  да го намалат производството за најмалку 20 %, тутунарите со  приноси до 500 килограми,  да произведат онолку тутун колку што произвеле и во 2013 година. Како причина тогаш беше посочен падот на нарачките и отежнатиот пласман на тутунот на светскиот пазар. Но тутунарите произведоа околу 15 отсто повеќе тутун, или според проценките околу 30 милиони килограми. Засега не е познато дали вишокот тутун ќе биде откупен.
- На нивите сеуште се бере тутун и ќе се бере до следниот месец.  Мострите специјалната комисија ќе почне да ги зема од 3-ти до 7 –ми следниот месец, и некаде од 15-ти ноемрви очекуваме да почне откупот, а законскиот рок е 15-ти декември. Откупувачите рекоа дека ќе откупат 25.000 тони но се произведува околу 30.000 тони, и тое не е грешка на тутунарите. Има вишок и засега откупувачите немаат кажано дали тој вишок ќе се откупува. Да не ги споменувам со имиња, но има три сериозни откупувачи, и ако се јават и други ќе биде добро, вели Милевски.
Законски цената на тутунот треба да биде според квалитетот, тутунарите велат дека цената за прва класа е од 240 до 248 денари за килограм, за втора 180 денари, трета класа 135 до 138 денари за килогра. Но тутунарите стравуваат дека откупувачите ќе манипулираат со цената бидејќи квалитетот на тутунот годинава не е на задоволително ниво.
- Временските прилики беа лоши, имаше многу вренежи што негативно се одразија врз квалитетот на тутунот. И мислам дека тука ќе има манипулации со откупната цена. Моментално немаме одговор дали ќе се откупи вишкот тутун, тоа ќе биде познатокога ќе почне откупот. Откпувачите рекоа дека тоа што е договорено ќе биде откупено, вели Сали.
Во Македонија, тутунот е една од стратешките извозно ориентирани гранки. Просечно за период 2007-2011 година нето билансираниот извоз изнесува 16. 384 тони тутун во вредност од 84,8 милиони долари. Македонија како и многу земји во светот кои истовремено се производители на тутун и тутунски производи е истовремено извозник и увозник на тутунски производи. Кај нас тоа се главно цигари кои истовремено се и најконсумираниот вид на тутунски производи. Од останатите тутунски производи наменети за пушење се увезуваат пури, цигарилоси, тутун за рачно виткање на цигари и тутун за луле во многу мали количества и вредност. Во периодот од 2007до 2011 година нето билансираниот извоз изнесува 2180,5 тони цигари во вредност од 15,8 милиони долари. Ако се собере позитивниот ефект од извозот на тутун и тутунски производи тој просечно за анализираниот период изнесува околу 100 милиони долари чист нето извоз од кој 85 % е остварен од извозот на обработен тутун, а само 15 % од извозот на цигари, посочува професорот Арсов, додавајќи дека заедно тие преставуваат солиден девизен прилив и делумно го покриваат хроничниот дефицит во увозот на прехранбени производи. Ј.С
Слично

Поврзани вести