Портфолио коментар со КД Фондови: Мудро на крајот од годината
Портфолио коментар со КД Фондови: Мудро на крајот од годината
Полека го испративме и месец октомври, што ќе каже дека за берзанските играчи преостануваат уште два месеца до истекот на 2016 година. Декември традиционало е еден од месеците што носи добри приноси, па поради тоа силниот фокус годинава е на ноември, пред сè поради американските претседателски избори и очекувањата за можно покачување на референтните каматни стапки.
Есента помина подобро од очекувањата, со оглед на тоа што пазарот релативно лесно ги абсорбираше негативните вести, па волатилноста се задржа на ниско ниво. Сред сезона сме и на објави на резултатите од третиот квартал, а мислите веќе се насочуваат кон корпоративните предвидувања за стартот на 2017. За извешатите од третиот квартал може да се каже дека позитивно изненадуваат. Повеќето бизниси ги надминуваат очекувањата, а посебно радува фактот што се бележи органски раст (иако на моменти скромен) кај меѓународните корпорации од „традиционалните“ сектори, какви што се на пример тешката индустрија и стоките за широка потрошувачка. Најголемото изненадување досега е секако американскиот финансиски сектор, каде што сите поголеми банки прикажуваат раст,како во обемот на работа, така и во остварените профити, пропратени со силна капитална адекватност. Информатичкиот сектор е веќе традиционално моќен и покрај фактот што гигантот „Apple“ го објави првиот пад во продажбата на годишна основа од 2001-ва година наваму. Единствено негативно изненадување е воздржаноста кај одредени компании во однос на последниот квартал од 2016 и особено во однос на 2017 година.
Сето ова оди во линија со нашите претходни пишувања дека поради преголемиот број на настани, сликата не може да биде лесно избистрена. Централните банки, политичарите и геополитичките тензии фрлија густа магла, поради која компаниите сеуште тешко се одлучуваат за нови вложувања, неможејќи да проценат во која насока ќе се движи понатамошниот глобален развој и дали нема да бидат наложувани нови услови од регулаторните тела.
Еден од најсвежите примери е дилемата околу изборот помеѓу електричните автомобили и оние традиционалните кои се придвижувани од мотори со внатрешно согорување. Дали во 2030 година во Германија ќе се продаваат само електрични автомобили или на произведувачите би им се исплатело да продолжат со вложување во подобрувањето на перформансите на бензинските и дизел агрегатите? Доколку останат само електричните автомобили, со какви очи да се гледа во моментов на компаниите коишто се предодредени за моторите со внатрешно согорување? Како понатаму германската влада ќе ја развива својата електрична мрежа? Повеќето сончеви панели и ветерни електрани ги изградија на северот, на Балтикот, а најголем потрошувач е токму јужниот дел на земјата. Електродистрибутивната мрежа не е надградена. Значи ли тоа дека во Јужна Германија електричните автомобили ќе се полнат со енергија која е произведена од термоцентрали на гас и јаглен?
Ова се сè отворени прашања со кои се соочуват големите глобални компании, а вистински одговори во моментов нема. Дури и американската изборна кампања се врти околу тривијални скандали, а предлози за крупните прашања, како на пример, што со модернизацијата на подзастарената инфраструктура, воопшто не се споменуваат.
Поради сето ова, во 2017 очекуваме непредвидливо деловно работење, проследено со раст на берзанските индекси, кој ќе биде повисок од реално остварените резултати на бизнисите, што од друга страна го зголемува ризикот за посериозна надолна корекција во одреден момент. Од голема важност ќе биде и координираноста на активностите помеѓу централните банки, кои со вбризгувањето на евтини пари, силно го надуваа берзанскиот балон, па прашање е дали тој балон ќе ги издржи првите знаци на губење на потпората и нема да почне да издишува.
Најнапнато секако е на пазарот на обврзници, кои никогаш досега не носеле толку ниски приноси. Обврзниците вообичаено чинат најголем дел од инвеститорскиот колач, па дури и мали промени на обврзничкиот пазар би можеле да ги поместат акциските пазари за 10 до 20%.
Токму затоа, за нас како инвестициски професионалци, приоритет до крајот на годината во однос на „прекројувањето“ на портфолиата со кои управуваме, останува изнаоѓањето на комбинации кои најдобро би одговарале на можните корекции во 2017 година.
КД Фондови
Повеќе од штедење