Економија, финансии, бизнис

Контакт

Порталство

Порталство
Сведоци сме во последниве години на сериозниот наплив на нови интернет портали во нашата држава. Официјални податоци не постојат, но по моја лична проценка во моментов егзистираат преку 500 домашни интернет портали. Овој тренд ќе го наречам порталство. Причините за оваа нова мода, сметам дека се повеќекратни. Најпрво, процесот на креирање на интернет сајт или портал е значително поедноставен од порано. Сега само за 5-10 минути можете да симнете темплејт, да креирате дата-база, да закупите хостинг и домејн и веќе имате функционален портал. Со појавата на open source платформите за динамички сајтови како Wordpress, Drupal и Joomla, веќе секој со минимални познавања на веб дизајн, може да креира и лансира веб портал. Друга причина е секако егзистенцијалната. Печатените медиуми полека но сигурно замруваат, па голем број на новинари среќата си ја пробуваат во дигиталниот свет. Наједноставно за нив е да постават новински веб портал и да продолжат практично со она што и досега го правеле, само во дигитална форма. Исто така се појавуваат нови генерации, штотуку дипломирани студенти, кои идејата за бизнис ја гледаат во нов портал. Сето ова води кон креирање на огромен број на портали. Проблематичното во целиот коцепт на порталство, за жал, е отсуството на оригинални идеи. Порталот сам по себе претставува медиум, а медиумот сам посебе не значи веднаш извор на приходи. Колку повеќе нови портали се појавуваат на нашето поднебје, толку  се повеќе почнуваат да наликуваат едни на други. Првото што го прави секој нов портал е што поскоро да стапи во контакт со сите поголеми маркетинг агенции и огласувачи. Но наместо разработен концепт, нова оригинална идеја, нов бизнис модел, статистики и анализи, првото нешто што го бараат се реклами. Ретко кој огласувач сака да биде бизнис ангел - инвеститор на нови портали. Секој очекува резултати од рекламната кампања, сака свесност, сака продажба. А за да се оствари тоа потребен е медиум со изградена, лојална и квалитетна публика, која на крајот на денот е и куповно моќна. Доколку ја погледнете листата на најпосетени домашни веб портали, ќе забележите дека првите пет се новински (информативни) портали. Речиси сите тие се веќе со години присутни на пазарот, сериозно екипирани итн. Затоа и не ја гледам поентата некој дури сега да креира нов новински портал кој ќе се бави со пренесување на буквално истите вести како и сите други. Или забавен портал... Ги имаме стотици во земјава и повеќето наликуваат еден на друг и содржините им се речиси идентични. Едноставно пазарот не е доволно голем за да може да абсорбира толкав број на слични медиуми. Од друга страна интернет рекламните буџети во земјава се доста лимитирани. Дигиталното рекламирање е сеуште е рудиментирано и на истото огласувачите за жал сеуште гледаат како на средство само за поддршка на кампањите. Голем број огласувачи (домашни и странски) кои доминираат на традиционалните медиуми, сеуште не дебитирале на домашниот дигитален адвертајзинг пазар. Едноставно кажано, колачето е премало за да се подели на толку многу парчиња. Во една таква констелација порталството како тренд на појава на нови copy-paste сајтови конечно треба да престане. Треба да се размислува за свежи теми, оригнален контент, иновативен концепт, нови бизнис модели за заработка (не само од банер - реклами). Ретко може да се налета на некој сериозен сајт на поразлична тематика – на пр. филмови, музика, уметност, книжевност и сл. Секако, ваквите категоризирани портали ќе имаат помалку посети од информативните, но ќе опфатат таргетирана популација соодветна за одредени категории на брендови. Моите очекувања се дека во следниот период ќе следи филтрирање на порталството во Македонија. Дел од порталите од материјални причини нема да може да го издржат темпото. Можеби ќе дојде и до окрупнување на дел од медиуите, преку аквизиција или фузија. Потребата од директен трафик на сајтовите ќе стане доминантна бидејќи е најодржлива на дог рок. Затоа ќе мора и содржините да бидат оригинални, истражувачки, новинарски. Ненад Ристовски
Слично

Поврзани вести