Економија, финансии, бизнис

Контакт

ПОРШЕ, АУДИ, МЕРЦЕДЕС: Агенцијата за управување со одземен имот продава над 20 авотомобили, еве кога ќе биде аукцијата

ПОРШЕ, АУДИ, МЕРЦЕДЕС: Агенцијата за управување со одземен имот продава над 20 авотомобили, еве кога ќе биде аукцијата

Вкупно 24 возила од различни производители се нудат на продажба по „дискаканут“ цени од страна на Агенцијата за управување со одземен имот. Меѓу нив автомобили од брендот Ауди - и тоа А5, А6, А8 и Q7, а ќе најдете и Мерцедес, Порше, БМВ... 

Но, има една цака, а тоа е фактот шт дел од овие возила се оштетени, дури има и искршени, и повеќето се запуштени, најверојатно поради фактот што подолго време стојат на некои од депоата на Агенцијата. 

Како што стои на веб странта на Агенцијата за управување со одземен имот, преку два огласи се продаваат одземени моторни возила. Нивната продажба ќе се одвива по пат на електронско јавно наддавање. Со првиот оглас, кој е повторен се продаваат три возила, додека пак со вториот оглас, второ електронско јавно наддавање, на продажба се нудат дури 21 возило, а продажбата ќе се спроведува преку системот на Агенцијата на принцип „видено–понудено–купено“.

Во рамки на првиот оглас се планира на 17 февруари 2026 година да се наддава за три возила: AUDI A6 кое се наоѓа во депото Миладиновци со почетна цена од 124.000 денари, AUDI A4 во депо Идризово со почетна цена од 34.000 денари и MERCEDES-BENZ E250CDI во депо Идризово со почетна цена од 630.000 денари, при што наддавањето е закажано во точно определени 15-минутни термини во текот на денот.

Со вториот оглас пак ќе се наддава за 21 возило и ќе се реализира од 18 до 23 февруари 2026 година, исто така во 15-минутни термини. На листата се, меѓу другото, OPEL ASTRA, повеќе модели на AUDI (A5, A6, A8, Q7), MERCEDES-BENZ E280CDI, PORSHE CAYENNE, BMW 530D и BMW 116I, како и товарни возила и приколка. Дел од возилата се лоцирани во депоата на Агенцијата во Миладиновци, Идризово и Гевгелија, а дел се во камп Винојуг–Гевгелија и во СВР Струмица. За возилата со странски таблички наведени во огласот, купувачот ќе треба да спроведе соодветна царинска постапка.

Сите возила кои ќе се продаваат на аукциите ги има со фотографии и почетна цена на веб страната на Агенцијата. Па таму може да се види дека меѓу автомобилите има и искршено Порше, најверојатно во сообраќајна незгода чија почетна цена изнесува скоро 7.300 евра. 

На продажба се нуди и Ауди А8 по цена од околу 10 илјади евра. Од вториот оглас ова се поскапите возила, цената на останатите е пониска. 

За учество е потребна претходна електронска регистрација на веб-страницата на Агенцијата, како и уплата на депозит во висина од 10 отсто од почетната цена, со задолжително наведување на бројот на огласот и редниот број на возилото. Пријавите со потребната документација се доставуваат во хартиена форма преку Архивата на Агенцијата, во затворени пликови согласно упатството во огласите. Рокот за поднесување пријави е од 6 февруари до 12 февруари 2026 година, најдоцна до 14:00 часот.

Разгледување на возилата е предвидено на 9 февруари (депо Миладиновци), 10 февруари (депо Гевгелија, камп Винојуг–Гевгелија и СВР Струмица) и 11 февруари (депо Идризово), во термините наведени во огласите.

По завршување на наддавањето, најповолен понудувач е оној што ќе ја даде највисоката цена, а наддавањето нема да се одржи ако се јави само еден понудувач. Купувачот е должен најдоцна во рок од 15 дена по заклучувањето на наддавањето да ја уплати постигнатата цена. Депозитот им се враќа на понудувачите чија понуда не е прифатена, а ако купувачот не плати во рок, се смета дека се откажал и депозитот може да се задржи за покривање трошоци од постапката.

Право на учество имаат физички и правни лица кои можат да се стекнат со сопственост согласно закон, но на огласите не може да учествуваат вработени во Агенцијата, лица службено вклучени во постапката, осуденото лице и поврзани лица, како и одредени поврзани правни лица.

 П.О.

Слично

Поврзани вести