Поранешниот градоначалник на Охрид Петрески осомничен за криминал со јавните набавки
Пранешниот охридски градоначалник Александар Петрески е уапсен заедно со уште десетина негови соработници. Според првичните информации, полицијата го сомничи Петрески за криминал поврзан со јавните набавки додека ја извршувал градоначалничката функција.
Одделението за организиран криминал при МВР утврдило дела Петрески и неговите соработници на овој начин се стекнале со противправна имотна корист од околу два милиони евра.
Осомничените од утрово се пренесени во Скопје, каде што се очекува во Кривичниот суд да се појават пред судија во претходна постапка.
МВР најави дека во текот на денот ќе излезе со повеќе детали за акцијата.
Во 2013 година медиумите објавуваа дека со финансиска ревизија од страна на Државниот завод за ревизија, било констатирано дека во текот на 2010 година најголем дел од наплатата на приходите/расходите во општина Охрид е извршена преку компензации, цесии и асигнации, кои не се реализирани преку платниот промет на трезорскиот систем во износ од над 275 милиони денари или 53% од вкупните приходи на општината Охрид за 2010 година.
Ваквиот начин на наплата/исплата на приходите и расходите на општината не е во согласност со Законот за платен промет. Непочитувањето на законските прописи придонело за вршење на платен промет надвор од трезорскиот систем како и за нереални приходи и расходи и го нарушуваат принципот на сметководственото начело на парично искажување, констатираа тогаш ревизорите.
Наместо да се постапи по укажувањата и препораката на Државниот Завод за ревизија, да не се применува таквата форма на плаќање заради блокираната сметка на општината, градоначалникот Петрески повторно надвор од финансискиот систем на државата во наредните години вршел наплата и исплата на буџетските средства преку цесии, компензации и асигнации и тоа во 2011 година на буџетски средства над 153 милиони денари, а во 2012 година на средства од околу 200 милиони денари.
Како резултат на ова, општината немала никаков увид за тоа како биле трошени парите, на кои фирми и по кои критериуми.
Слично
