Економија, финансии, бизнис

Контакт

Поранешниот градоначалник на Кисела Вода го проширува бизнисот со електрична енергија

Поранешниот градоначалник на Кисела Вода го проширува бизнисот со електрична енергија

Поранешниот градоначалник на Кисела Вода, Филип Темелковски, покрај тоа што продава и монтира фотопанели, сега ќе произведува и електрична енергија. Синот на Зоре Темелковски бизнисот со електрична енергија го започна за време на енергетската криза, откако му заврши градоначалничката функција.

Сопственикот на „Дифрент Енерџи“ вели дека неговата фотоцентрала во близина на Амзабегово во Свети Николе започнала да произведува електрична енергија штом ја добил лиценцата од Регулаторната комисија за енергетика. Лиценцата е добиена во текот на септември, а фотоцентрала е со моќност од 1 мегават. Иако Овчеполието важи за најплоден крај, а земјоделците таму се жалат дека се узурпира земјиштето со фотоволтаици, Темелковски вели дека тоа е од ниска класа.

- Станува збор за земјиште од 5 и 6 класа, што значи дека не е најквалитетно за обработка. Покрај тоа, има многу вода и на таква површина не верувам дека може нешто да се насади, тврди Темелковски.

Изминатиот период Темелковски заедно со својот партнер регистрираше уште една фирма за производство на електрична енергија - „Дифрент Волтаик“. Тој сепак вели дека не станува збор за експанзија на бизнисот.

- Таа е за понатаму, ако се развиваме. Доколку обезбедиме друго земјиште. Така ме посоветуваа од банките - дека за друго земјиште за фотоцентрала, подобро е да се регистрира нова фирма. Меѓутоа, сеуште се мислам дали е исплатливо, затоа што каматите за инвестиции во овој период се зголемија за 2 процентни поени, вели Темелковски.

Бизнисменот од минатата година со бугарскиот партнер Смарт Енерџи Груп од Софија поставува соларни централи за сопствено производство на струја. Според она што го кажува тој, најмногубројни клиенти на „Смарт Солар“ се малите компании и домаќинствата.

Темелковски е син на поранешниот пратеник и бизнисмен Зоре Темелковски. На минатогодишните локални избори загуби од Орце Ѓпрѓиевски од ВМРО-ДПМНЕ.во обидот да го освои вториот мандат.

Во последно време голем број на поранешни политичари директно и индиректно се вклучуваат во секторот со електрична енергија, кој во моментов е во „зелена транзиција“ и се бараат стратешки инвестиции.

А.К.


Слично

Поврзани вести