Поранешниот директор на СОЗР, Пеце Мирчески, лани беше во притвор, сега стана бизнисмен
Поранешниот директор на Службата за општи и заеднички работи (СОЗР), Пеце Мирчески, кој лани беше уапсен наводно поради тоа што добил на лично користење автомобили од операторот кој ја опслужува Владата со службени возила, по една година стана бизнисмен и основа фирма за производство на преработена храна.
Фирмата „Формела“ на Мирчески е основана минатата недела со седиште во Илинден, а како основачи фигурират Пеце Мирчески, поранешниот директор на владината служба со адреса на живеење во Карпош, и партнерот Љубе Цветковски од Кисела Вода. Мирчески е наедно управител на друштвото.
Во моментов е нејасно како Мирчески, директор на СОЗР до крајот на мандатот на претходната власт, стана бизнисмен во период кога последната информација за него од лани е дека му бил одреден притвор од 30 дена, а потоа истиот му бил продолжен. Телефонскиот број на кој што го побаравме беше исклучен.
Мирчески во февруари 2025 се најде под истрага на Основното јавно обвинителство и Управата за финансиска полиција по сомнежи за злоупотреби при вршење на функцијата. Според досегашните информации, предметот опфаќа повеќе договори склучени во периодот кога раководел со СОЗР, а кои се однесуваат на набавка на хотелски услуги, изнајмување возила, авионски билети и исплати на патни трошоци. Според истражните органи, дел од договорите биле склучувани со можен конфликт на интереси и со фалсификувана документација, со што биле нанесени штети на буџетот.
Мирчевски беше приведен и му беше определен притвор во рамки на предистражната постапка. Во 2026 случајот повторно се актуализираше во јавноста по ревизорски извештаи и политички обвинувања поврзани со работењето на СОЗР во неговиот мандат. Во истрагата беше осомничено уште едно лице, сопственик и управител на фирма, која што во пет наврати била избрана за пет јавни набавки.
Од обвинителството рекоа дека Мирчевски требало да пријави постоење на судир на интереси и да се изземе од постапките за овие јавни набавки, бидејќи во тој период остварувал директна материјална корист за себе и за својата сопруга, како користење возила од фирмата за лични потреби.
„Така тој за лични потреби и цели без надомест користел патничко моторно возило ‘Фолксваген пасат’, сопственост на фирмата, а неговата сопруга дополнително користела услуги за превоз со возила и возачи. Осомничениот и откако бил разрешен од функцијата директор на Службата за општи и заеднички работи на Владата на Република Северна Македонија, од фирмата сопственост на второпријавениот продолжил да остварува директна материјална корист за себе и за својата сопруга, па за лични потреби и цели, без надомест, продолжил да го користи патничкото моторно возило “Фолксваген пасат”, како и уште едно возило марка “Ауди Q8”, за што му е поведена скратена постапка и согласно ставот 3 на кривичното дело – Примање поткуп“, соопштија тогаш од ОЈО Скопје.
А.К.