Поранешниот директор на ДПИ, Горан Трајковски, започнува уште еден бизнис, овој пат во градежниот сектор
Поранешниот директор на Државниот пазарен инспекторат и кандидат за градоначалник на Кисела Вода на последните локални избори, Горан Трајковски, започнува уште еден бизнис со основање на градежна фирма.
Фамилијарниот бизнис на Трајковски досега беше препознатлив со„Штраус Компани“ како овластен увозник и дистрибутер на вилушкарите од брендот STILL, покривајќи ја територијата на Македонија и пошироко.
Сега поранешниот функционер од јуни е основач на Вентора Холдинг со дејнсот „изградба на згради“, Трајковски вели дека не планира да се вклучува во бизнис со изградба на станови, туку на објекти во кои ќе се остваруваат комерцијални активности.
- Тоа е фирма со која прво ќе започнеме да градиме нов објект за сопствени потреби, а за понатаму ќе видиме какви ќе бидат амбициите, бидејќи кога се работи со недвижнини треба да се биде внимателен во калкулациите и да се чека трпеливо прав момент. Ако се оди во добар правец, понатаму би се занимавале со изградба на деловни објекти и конструкции, ни изјави Трајковски.
Тој додава дека политички се уште е активен, но како што вели, не толку како порано. Беше еден од осомничените кои првично беа во ефективен притвор за случајот „Пулс“, па потоа куќен, за на крај да се бранат од слобода.
Трајковски според биографијата е магистер по економски науки. Пред да биде именуван за вршител на должност директор на Државниот пазарен инспекторат во декември 2022 година, работел на менаџерски позиции во приватниот сектор. За директор на Државниот пазарен инспекторат беше назначен од Владата во декември 2022 година, а функцијата ја извршуваше до октомври 2024 година, кога беше разрешен по промената на власта. Беше и кандидат на СДСМ за градоначалник на Кисела Вода на минатогодишните локални избори.
А.К.
