Поранешни пратеници на СДСМ избрани во Одборот на директори на ГА-МА
Поранешните пратеници на СДСМ од собранискиот состав во периодот од 2016 до 2020 - Сашко Костов од Кочани и Бетиане Китев од Кавадарци, се примени како нови членови во Одборот на директори на ГА-МА, акционерското друштво во стоотстотна државна сопственост.
ГА-МА управува со системот за пренос на природен гас и обезбедува пристап до доводот за природен гас за компании и други правни лица во државата.
Одлуката била донесена на седница на акционерското собрание во вторникот. Костов е избран за неизвршен член, додека Китев за неизвршен и независен член на Одборот на директори.
ГА-МА АД Скопје е формирана како акционерско друштво во сопственост на Макпетрол АД Скопје и Владата со по 50 проценти од вкупниот основачки капитал на Друштвото. Пред две години со проценката е утврдена пазарна вредност на ГА-МА АД во износ од 65.547.810 евра, по што минатата година му беа исплатени 32.773.905 евра на Макпетрол АД Скопје за откупвање на неговата половина.
Со изгласувањето на посебно законско решение, ГА-МА премина во 100 процентна сопственост на државата.
Во 2020 Собранието објави дека на четириесет и четворица пратеници од поранешниот состав им е одобрено барањето за апанажа и дека ќе добиваат плата од државата во висина од пратеничка плата уште најмногу една година. Четворица пратеници од претходниот собраниски состав заминаа во пензија.
Поранешниот премиер Зоран Заев тогаш рече дека ќе им помогне на пратеници од поранешниот собраниски состав веднаш да бидат ангажирани на други позиции и работни места во јавниот сектор.
- Голем процент од поранешниот пратенички систав ќе има од мене лично понуда да се вгради во јавните институции. Не зборувам за директорски места, туку зборувам за позиции кои што ќе значат искористување на нивното драгоцено искуство и капацитет, да може да влезат во самите институции и да продолжат да креираат за својата држава, затоа што кога извршувале највисоки државни функции, редно е тие профили кои имаат свои експертизи и профили да придонесат во функција на државата. И следните месеци ќе бидат месеци на донесување на такви одлуки, така што верувам дека 50 до 60 отсто од овие апанажи веднаш ќе опаднат затоа што ќе има нова функција за нив, изјави Заев.
А.К.