Поранешен пратеник на СДСМ влегува во бизнисот со струја
Поранешниот пратеник на СДСМ, Драган Ѓорѓиев од Ново Село, во екот на „зелената транзиција“ изминатиот период регистрираше две компании за производство на електрична енергија во кои тој е ко-сопственик.
Првата е именувана како „Пелагонија Солар“ со седиште во Карпош во кои Ѓорѓиев е сопственик заедно со уште двајца ко-сопственици, од кои едниот е физичко лице од Аеродром а другиот првно лице од Карпош, додека именуван управител е трето лице.
Втората инвестиција е „ДГД Електроволт“ регистрирана во Струмица. Ѓорѓиев е ко-сопственик заедно со сосема други две физички лица од Берово и Ново Село, додека еден од двата управители е трето лице од Василево.
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ во 2020 го посочи Ѓорѓиев како еден од сопствениците на објект за марихуана во Босилово кој наводно бил изграден спротивно на закон, односно прво бил изграден па потоа легализиран со амин на поранешниот премиер Зоран Заев.
Ѓорѓиев беше пратеник во македонскиот парламент во собранискиот состав 2002-2006, кога исто така и Заев беше своевремено народен претставник. Тој е дипломиран електро инженер. Пратеник стана како бизнисмен сопственик на приватна фирма Мастер - Дооел.
Засега нема податоци колкав е потенцијалот на овие инвестиции, ниту на кој начин ќе се произведува електричната енергија.
А.К.
