Економија, финансии, бизнис

Контакт

Поранешен директор на ЕСМ ќе биде консултант за инвеститори во енергетиката

Поранешен директор на ЕСМ ќе биде консултант за инвеститори во енергетиката

Поранешниот генерален директор на АД ЕСМ, Драган Миновски, на почетокот од годинава ја регистрираше консултантската фирма Дамс Енерџи Скопје за време на енергетската криза и големиот бран на инвестиции во производството на електрична енергија од обновливи извори.

Иако дејноста на новорегистрираниот субјект гласи „неспецијализирана трговија на големо“, управителот ни рече дека не станува збор за претпријатие кое има амбиции за продажба или производство, туку за давање на консултантски услуги.

Претходниот директор на поранешен ЕЛЕМ не сакаше да даде официјална изјава за „Фактор“, но ни рече дека често дава совети на потенцијални инвеститори и дека сака да го наплати своето искуство и знаење.

Миновски беше на чело на ЕСМ безмалку две години, а разрешен беше во јуни 2019. На негово место беше назначен Васко Ковачевски, актуелниот прв човек на претпријатието.

По завршување на докторските студии во Република Словачка, Миновски во 2009 година се враќа во Македонија и ја продолжи својата професионална кариера во ТЕ-ТО АД Скопје. Паралелно е и професор на Електротехничкиот Факултет при Универзитетот Гоце Делчев во Штип. 

Главни подрачја на неговата научна преокупација се: производството на електрична енергија, обновливите извори на енергија, како и пазарите на електрична енергија и природен гас.

Во ТЕ-ТО АД Скопје најпрво работеше како проект инженер при градба на електраната, а по нејзиното пуштање во  употреба  продолжи  да  работи  како  водечки  аналитичар  за  купопродажба  на електрична енергија, топлинска енергија и природен гас. Од 2015 до мај 2017 година е комерцијален директор во ТЕ-ТО АД Скопје. 

А.К.

Слично

Поврзани вести