ПОРАКА ОД СВЕТСКА БАНКА: Одобрениот заем ќе може да се користи по изборите!
Пред одржувањето на парламентарните избори, меѓународните банки се внимателни во однос на одобрувањето на заеми за Македонија. По германската КФВ банка, која одобри заем од 39 милиони евра за топлификација на Битола, но парите нема да ги дава на владата, туку на изведувачот на работите, и само откако ќе бидат завршени работите, со силен меѓународен надзор, сега и Светска банка, одобри кредит од 25 милиони евра за Македонија, но парите ќе може да се користат дури откако ќе се одржат изборите.
Светска банка одобри кредит за Македонија, но парите нема да бидат на располагање се додека не завршат најавените парламентарни избори. Станува збор за заем од 25 милиони евра, а парите треба да се наменат за подобрување на општинските услуги. Оваа сума, според официјалното соопштение на Светска банка ќе биде ставена на располагање на земјава само откако ќе завршат претсојните парламентарни избори, без да се прецизира датумот на нивното одржување.
„Со оглед на изборниот циклус во Република Македонија, проектот ќе стапи на сила и исплатата ќе започне откако претстојните парламентарни избори ќе бидат завршени“, стои во официјалното соопштение на Светска банка.
Бордот на директори на Светска банка, еднаш веќе го одложи одобрувањето на овој заем за Македонија и тоа тогаш се толкуваше како обид да се избегне можноста парите да бидат одобрени во екот на изборната кампања.
Оваа информација за внимателност на Светска банка, практично сега ја доби својата потврда со тоа што парите се одобруваат, но само по завршувањето на изборите.
Што направи КФВ банката
Пред само неколку дена, германската КФВ банка на Македонија и одобри кредит од 39 милиони евра наменет за топлификација на Битола. Но,и овие пари имаат клаузула во нивното користење. Односно, ќе бидат префрлани директно на зиведувачот на работите, и тоа само откако ќе биодат завршени работите.
На потпишувањето на овој договор во Владата, освен претставниците на КФВ банката, присустваа и од германската амбасада. Оттаму на прашањето дали парите ќе може да се користат за предизборни цели посочија дека освен што парите не се префрлаат на владата, ќе има и меѓународен надзор за сите активности на проектот и исплатите.
„Пари воошто нема да бидат исплатувани однапред. Парите ќе одат само кај изведувачот кој ќе изгради цевковод од 12,5 километри од РЕК Битола до градот Битола. Парите нема да се исплаќаат однапред. Како ќе се изведуваат работите потоа ќе се рефундираат парите на рати за активностите што биле изведени. Договорот е меѓу КФВ банката и ќе има меѓународен консултатнт кој ќе врши надзор на сите активности во однос на исплатите, и сите пари ќе одат за имплементација на овој проект,“изјави тогаш заменик-амбасадорот на СР Германија во Македонија Ханс Хелге Сендер “
Дека меѓународните банки стануваат се повнимателни во однос на кредитирањето на државата, укажува и информацијата, што на крајот на минатата година, кога земјава ја издаваше еврообврзницата од 250 милиони евра, токму странските банки, освен потписот на министерот за финансии Зоран Ставрески, бараа потпис и од дополнителниот заменик министер за финансии Кире Наумов.
Се засилуваат задолжувањата на домашен терен?
За разлика од странските, домашните банки засега не го слушаат апелот на Наумов, да бидат внимателни со кредитирањето на државата што се прави преку аукциите на државни хартии од вредност. Наумов, уште од крајот на минатата година, постојано пред секоја аукција на државни хартии од вредност што ја прави Министерството за финансии, апелира до банкарите да бидат внимателни бидејќи посочува дека секоја сума што државата преку овие аукиции ја зема, а поголема од онаа сума што треба да се врати, ќе биде оспорена.
Апелот на Наумов не помогна ниту вчера, кога иако беше најавено дека државата ќе се задолжи со 15,5 милиони евра, колку што денес треба да врати, сепак на крајот од денот се задолжи двојно повеќе од планираното односно 31 милиони евра.
Банкарите од земјава, во последните изјави посочуваа дека не сакаат политиката да се меша во нивното работење, и дека тие работат согласно законите и правилата.
Слично
