ТЕВДОВСКИ ДО ПРАТЕНИЦИТЕ: Еве што вели за ставање во мирување на прогресивниот данок
Eкс министерот за финансии, Драган Тевдовски на социјалните мрежи реагираше по денешната одлука на Владата да го стави прогресивниот данок во мирување за период од три години.
„Пратениците на СДСМ, пред да гласаат за ова, нека помислат дали се за бришење на Социјалдемократски од името на СДСМ. Посебно од страна на луѓе што немаат врска со СДСМ“, напиша Тевдовски на Фејсбук.

Министерката за финансии, Нина Ангеловска, покрај одложувањето на прогресивниот личен данок на доход, рече дека за три години се одложува планот за оданочување на капиталните добивки и депозитот во банките.
Оваа мерка требаше да започне од 1 јануари 2019, но се одложува до 1 јануари 2023, a беше и еден од столбовите на владината програма пред изборите во 2016.
Таа рече дека се одложува и оданочувањето на каматите од депозити за 36 месеци, поради комплицираното администрирање кое би следувало, според Ангеловска, а и нема да има еднаков третман со данокот за капитална добивка.