Економија, финансии, бизнис

Контакт

Поради врските со Русија, Трамп воведе царини од 25 отсто за стоки од Индија

Поради врските со Русија, Трамп воведе царини од 25 отсто за стоки од Индија

Американскиот претседател Доналд Трамп воведува царина од 25 проценти на стоки од Индија почнувајќи од петок, остро критикувајќи го Њу Делхи за неговите воени и енергетски врски со Русија.

Во објава на неговата платформа Трут Соушл (Truth Social) Трамп денеска ја опиша Индија како „пријател“, но ја обвини земјата за водење на неправедни трговски практики кои ги ставаат американските бизниси во неповолна положба.

„Индија има „напорни и одбивни“ трговски бариери кои го држат нејзиниот пазар затворен за странски компании“, напиша тој, додавајќи дека нејзините царини се „превисоки“.

Трамп ги критикуваше врските на Индија со Русија, обвинувајќи ја државата дека помага во финансирањето на инвазијата на Москва врз Украина, која сега влегува во четвртата година.

„Тие отсекогаш купувале огромно мнозинство од својата воена опрема од Русија и се најголемиот купувач на руска енергија, заедно со Кина, во време кога сите сакаат Русија да престане со убивањето во Украина – сето ова не е добро“, напиша Трамп.

Трамп изјави дека Индија ќе се соочи и со финансиска „казна“ поради нејзините купувања од Русија, иако не даде дополнителни детали.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски претходно го повикуваше индискиот премиер Нарендра Моди да ја прекине зависноста од евтина руска енергија и да запре со купување воено вооружување од Москва, наведувајќи дека такви чекори би помогнале да се стави крај на војната.

Трамп вчера кажа дека за 10 дена очекува Русија да прекине со воените дејствија во Украина, инаку ќе воведе нови санкции. 

Руските власти велат дека веќе имаат имунитет на санкции. 

Фото: EPA-CHRIS-KLEPONIS-POOL

Слично

Поврзани вести