Економија, финансии, бизнис

Контакт

ПОРАДИ ВОЈНАТА ВО ИРАН: Ова се дестинациите кои македонските туристи ги избегнуваат

ПОРАДИ ВОЈНАТА ВО ИРАН: Ова се дестинациите кои македонските туристи ги избегнуваат

Од туристичките агенции објаснуваат дека поради војната на Блискиот Исток, македонските туристи избегнуваат патувања во Египет и Дубаи. Овие две дестинации ги сметаат за поризични, а Турција останува атрактивна земја за посета. Од агенциите велат дека е добро надлежните да излезат со препорака до граѓаните за тоа каде е безбедно, а каде има ризик да се патува летово.

„Египет го избегнуваат и Дубаи, а Турција не. За сите дестинации е створена еуфорија дека нешто се случува, но тоа е неоправдано. Оние дестинации што се блиску во делот каде се војува, луѓето ги избегнуваат. Турција нема да е загрозена. Тоа е само една фама околу Турција. Нема никакви информации дека има опасност во земјата, сѐ си функционира нормално. Не можеме да ги обвинуваме патниците, на одмор одат, и ако одат на одмор не сакаат да бидат под стрес. Министерството за надворешни работи(МНР) треба да излезе со информација, каде е безбедно, каде не е безбедно. Не треба да гарантира, но може да излезе со информација. И нашиот туризам губи поради системот на доаѓања, поради летовите. Има многу проблеми околу војната и туризмот, но не гледам дека има проценка околу тоа“, велат од туристичката агенција Дрим Холидејс од Скопје.

Добар дел од граѓаните веќе го испланирале одморот и го уплатиле аранжманот.

„За Дубаи и Египет и онака поретко имаше патувања. За Турција има нормална побарувачка. Мислам дека војната нема да има некое поголемо влијание во однос на тоа каде ќе патуваат нашите патници“, додаваат од битолска туристичка агенција.

Од агенциите велат дека дури и војната брзо да заврши, пак ќе треба време додека туризмот да се врати на нивото како пред војната.

„Египет и Дубаи се места што луѓето ги избегнуваат, односно сега воопшто немаме побарувачка за овие земји. Другите дестинации засега не се во ризик. Турција ја бараат стандардно. Тој што сака да патува, пак ќе патува, но ќе размисли на која дестинација ќе оди“, објаснуваат од туристичка агенција во Охрид.

Како и претходните години, и летово многу македонски граѓани ќе одмораат на грчките плажи.

„Дубаи првенствено го избегнуваат, има и некои откажувања за Египет. Ако претходно барањата за резервација беа за Тунис, Египет и Турција, сега ги бараат Хрватска, Шпанија и Грција која е поблиску. Луѓето сакаат места каде е сигурно и бебедно“, велат од Лагуна Травел од Струмица.

Поради војната во Иран арапските дестинации отпаѓаат, далечните патувања поскапуваат, а европските земји ќе имаат бенефит.

Се проценува дека туризмот на Блискиот Исток ќе има загуба од 48 милијарди евра поради војната во Иран. Медиумите веќе објавија дека за 30 отсто е намален бројот на туристи на Кипар во март поради ситуацијата на Блискиот Исток.

Сања Атанасовска

Слично

Поврзани вести