ПОРАДИ ВИСОКИТЕ СМЕТКИ СИТЕ СЕ СВРТЕА КОН СОНЦЕТО - Рекорден број инвестиции во централи, еве колкаво е нивното производство
Енергетската криза доведе до драстично зголемување на цените на електричната енергија, но воедно резултираше и со зголемен број инвестиции во обновливите извори на енергија (ОИС). Минатата година имавме рекорден број инвестиции во делот на обновливите извори, нешто што не успеа да се постигне и со мерките за поддршка за обновливите извори. Пред енергетската криза, најголем раст на новоизградени електроцентрали кои користат ОИЕ имаше во 2015 година, кога во употреба се пуштени 40 нови електроцентрали со инсталирана моќност од 76 мегавати.
- Во 2022 година се изградени вкупно 267 нови електроцентрали кои користат обновливи извори на енергија кои придонесоа производствен капацитет да се зголеми за 18 отсто или во апсолутен износ за 144,4 мегавати. Во бројката на новоизградени електроцентрали фотонапонските електроцентрали доминираат со 254 електроцентрали со инсталирана моќност од 99,2 мегавати, изградени се 11 мали хидроелектроцентрали со инсталирана моќност од 7,2 мегавати, една ветернаелектроцентрала со инсталирана моќност од 36 мегавати и една термоелектроцентрала на биогас со инсталирана моќност од 2 мегавати – се наведува во годишниот извештај на Регулаторна комисија за енергетика (РКЕ).
Вкупниот број производители на енергија од ОИЕ во 2022 година изнесува 616 електроцентрали со инсталирана моќност од 946 мегавати. Во 2022 година инсталираната моќност на електроцентралите од обновливи извори на енергија учествува во вкупниот производствен капацитет со 41,5 отсто, додека во вкупното производство учествуваат со 29 проценти. Меѓу производителите на енергија од обновливи извори во земјава се големи хидроелектроцентрали со инсталирана моќност над 10 мегавати, мали хидроелектроцентрали чија инсталирана моќност е помала од 10 мегавати, ветерни електроцентрали, фотонапонски електроцентрали, термоелектроцентрали на биогас и термоелектроцентрали на биомаса.

Сепак, значителниот пораст на инвестициите во обновливи извори не се одрази правопропорционално во произведеното количество на енергија. И покрај тоа што бројот на електроцентрали е речиси двојно зголемен во 2022 година во однос на 2021 година, а нивната моќност е зголемена за речиси 20 проценти, производството на електрична енергија од обновливи извори на енергија е намалено.
- Причина за намаленото производство од обновливи извори на енергија е намаленото производство од големите хидроелектроцентрали од 1.132 Гигаватчаса во 2021 на 1.034 Гигаватчаса во 2022 година, кои имаат најголем удел во произведената електрична енергија од обновливи извори. Доколку се изземат големите хидроелектроцентрали, производството на електрична енергија од обновливи извори на енергија во 2022 година е зголемено за 13 проценти во однос на 2021 година. Пад во производството има кај термоелектроцентралите на биогас, додека сите останати технологии бележат пораст во своето производство – објаснуваат од РКЕ.
Регулаторите посочуваат дека производството од фотонапонските електроцентрали е зголемено за 50 проценти, додека производството од малите хидроелектроцентрали е зголемено за 13 отсто. Ако од категоријата обновливите извори се изземат големите хидроелектроцентрали, во 2022 година се произведени 514 Гигаватчаса од ОИЕ, додека 406 гигаватчас се произведени од повластени производители.
Во првата половина од 2022 година произведени се 55 отсто од вкупно произведената електрична енергија од обновливи извори на енергија, а 45 проценти во втората половина од годината.
Во земјава се уште се применуваат мерки за поддршка на производството на енергија од обновливи извори со цел поттикнувањена инвестиции, постигнување на националните задолжителни цели за учество на обновливите извори во вкупната потрошувачка на енергија и заштита на животната средина и ублажување на климатските промени. Од 624 домашни производители на електрична енергија, 616 користат обновливи извори на енергија, од нив 172 користат повластена тарифа, 21 користат премија, додека 423 електроцентрали не користат мерки за поддршка за производството на електрична енергија.
Петранка Огнаноска
