Поради состојбите во Бразил, Виетнам, Порторико, веројатно ќе пиеме поскапо кафе
На светските берзи цената на кафето расте, а сето тоа ќе се прелее и кај нас и за да уживаме во кафето ќе треба да платиме поскапо.
Фактот дека во Бразил имаше неповолни временски услови, суши и мразеви, во Порторико приносот е слаб, во Виетнам имаше проблем со транспортот кон Европа, ќе придонесе да се зголеми цената на кафето и на македонскиот пазар. Фирмите кои се занимаваат со трговија со кафе, велат дека тие зависат од цените на кафето на светската берза, цените на нафтата глобално, но и давачките кои ги имаат кон државата. Овие фактори ја дефинираат цената по која ќе го продаваат кафето. Објаснуваат дека старите залихи се потрошени, а од 2019 година наваму во 4 наврати имало корекција на цената. Додаваат дека поради пандемијата, не преземале чекор за некое подрастично поскапување кое би го почувствувале потрошувачите.
„Кога ја зголемивме цената за едно евро на килограм кафе, имаше реакции од кафулињата дека тоа било некоректно. Бидејќи сме во корона криза, се трудиме да нема поскапување, со цел да ги задржиме постоечките купувачи, но и да привлечеме нови. Ако вака продолжи состојбата во светот до крајот на оваа и почетокот на 2022 година, во кафулињата сметаме дека најевтиното кафе ќе чини минимум 70-80 денари“, велат од компанијата „Принц –сб“ од Куманово.
Ние сме нација која троши големи количини кафе. Од фирмите кои тргуваат со кафе, велат дека во западниот дел на земјава се трошат поголеми количини кафе за разлика од истокот.
„Стискаме заби и не ја покачуваме центата на кафето затоа што сме во време на пандемија, но до кога ќе биде вака, зависи од светските пазари“, додаваат од скопска фирма.
Граѓаните велат дека дури и ако цените скокнат, тешко ќе се откажат од консумирањето на кафе.
„Навика си е навика, така што тешко ќе се откажам од пиењето на две до три кафиња во денот, дури и ако цените се покачат. Кафето обично го пијам дома, а во време на пандемија скоро и да не одам во кафулиња“, рече Лидија Наумовска, граѓанка.
Според извештаите, штетата од мразевите во Бразил била толку голема што некои земјоделци можеби ќе треба одново да ги засадат дрвјата, што може да значи дека ќе им требаат до три години за да го продолжат производството на кафе.
Градот Хо Ши Мин е централна точка на виетнамскиот извоз, а беше под строги ограничувања на патувањата по растот на бројот заразени со делта сојот.
Сања Атанасовскаfoto unsplash.com
