Поради ризикот од рецесија, цената на нафтата падна за околу 1,5 отсто
На светските пазари минатата недела цените на нафтата паднаа бидејќи трговците стравуваат дека забавувањето на растот на најголемите светски економии ќе предизвика пад на побарувачката за „црното злато“.
Цената на барелот на лондонскиот пазар минатата недела падна за 1,5 отсто, на 96,72 долари, додека на американскиот пазар цената на барелот се намали за 1,45 отсто, на 90,77 долари.
Цените на нафтата последните денови осцилираа во тесен опсег бидејќи ситуацијата во најголемите светски економии не е завидна.
Американската економија технички е во рецесија, а рецесијата поради енергетската криза ја загрозува и еврозоната, додека растот на азиските економии, особено на кинеската, забавува.
„Главниот извор на страв во моментов е глобалната рецесија и слабеењето на побарувачката, со оглед на слабите податоци од САД, еврозоната и Кина. Има знаци на забавување на економскиот раст, што може да ја намали побарувачката на нафта“, велат аналитичарите на PVM во врска со состојбата на пазарите.
Трговците се плашат и од дополнително забавување на растот на најголемите светски економии, бидејќи се очекува дополнително зголемување на каматните стапки во САД и во еврозоната, со оглед на тоа што централните банки треба да ја потиснат прекумерната инфлација.
На цените негативно влијае силниот долар
Дополнително, на цените негативно влијае и силниот долар, што ја поскапува нафтата за купувачите во други валути.
Индексот на доларот, кој го покажува движењето на американската вредност во однос на другите шест најважни светски валути, минатата недела скокна за 2,2 отсто, на 108,00 поени, највисоко ниво за повеќе од еден месец.
„Подолг тренд на силен долар би бил една од најголемите пречки за одржлив раст на цената на нафтата“, вели Џим Ритербуш од Ritterbusch and Associates..
Од друга страна, цените беа поддржани од големиот пад на залихите во САД минатата недела, бидејќи компаниите најдоа купувачи во европските земји кои бараат замена за руската нафта пред санкциите на Европската унија против Русија, кои стапуваат на сила на 5 декември.
Американскиот извоз скокна на рекордни пет милиони барели дневно.
„Пресметуваме дека ЕУ ќе треба да замени 1,2 милиони барели дневно увоз од Русија со сурова нафта од други региони“, се наведува во белешката на советодавната компанија ФГЕ.
Откако минатата година пораснаа за повеќе од 50 отсто, благодарение на закрепнувањето на светската економија од корона кризата, од почетокот на оваа година, цената на нафтата порасна за нешто повеќе од 20 отсто, најмногу поради војната во Украина.
