Економија, финансии, бизнис

Контакт

Поради поплавите ЕУ експерти доаѓаат во Македонија

Поради поплавите ЕУ експерти доаѓаат во Македонија

По поплавите кои го зафатија скопскиот регион, експерти на ЕУ ќе бидат распоредени во Македонија, информираше денеска Европската комисија.

Активиран е Механизмот за цивилна заштита на Европската Унија. Тимот на технички експерти ќе пристигне утре за да ја процени штетата и да им даде насоки на државните и локалните власти.

„ЕУ е подготвена да и даде поддршка на БЈР Македонија во овој тежок период. Во контакт сме со властите во Скопје за да се овозможи брз одговор на барањето. Веќе испративме хуманитарен експерт денеска, а екипа на цивилна заштита ќе пристигне утре. Ги охрабрувам понудите за помош да дојдат што е можно побрзо. Ние сме, исто така, подготвени да обезбедиме и хуманитарна помош доколку е тоа потребно“ – вели комесарот за хуманитарна помош, Христос Стилијанидес.

Од ЕК наведуваат дека во поплавите загинаа над 20 луѓе, а многумина се повредени. Сериозно се оштетени куќи и главна инфраструктура, а повеќе од илјада луѓе се евакуирани.

ЕУ ќе обезбеди „Коперник“ сателитски снимки на службите за итни случаи кои работат во погодените области. Механизмот за цивилна заштита на Европската унија овозможува координација на активности при природни катастрофи помеѓу 34 европски земји (28 членки на Унијата, Македонија, Исланд, Норвешка, Црна Гора, Србија и Турција).

Земјава и лани доби помош преку Механизмот за цивилна заштита на ЕУ за поплавите во Тетово.

Слично

Поврзани вести