Поради пад на продажбата Лего „брка“ на улица 1400 вработени
Данскиот произведувач на играчки, Лего ќе остави 1400 работници, или околу осум отсто од вкупниот број вработени во светот без работа, откако компанијата пријавила пад на продажбата и профитот во првата половина во 2017 година.
Оваа компанија во приватна сопственост соопштила дека нејзиниот приход во првите шест месеци оваа година паднал за 5,0 посто на 14,9 милијарди круни (2,4 милијарди долари), воглавно поради слабоста на нејзините традиционални пазари, како што се САД и Европа.
Профитот паднал за 3,0 проценти на 3,4 милијарди круни (544.000 долари), известува агенцијата АП. Од Лего наведуваат дека „сега се подготвуваат за рестартирање на компанијата“.
„Разочарани сме поради намалувањето на приходите на нашите традиционални пазари, и преземавме чекори за да го решиме тоа“, рекол претседавачот со компанијата Јерген Виг Кнудсторп.
Долгорочната цел, како вели, е да се допре до „што повеќе деца на добро разработените пазари во Европа и САД“, и додава дека „постојат силни можности за раст на пазарите во развој како што е Кина“.
Според неговите зборови компанијата треба да го поедностави свјот бизнис модел како би ги намалила трошоците. Од 2012 година, групата градела многу сложена организација како би го поддржала својот двоцифрен раст во светот. Меѓутоа, „во текот на процесот само ја искомплициравме организацијата која сега за возврат го запира нашиот понатамошен развој“, рекол Виг Кнудсторп.
Гостувајќи на данска телевизија, тој навел дека намалувањето на бројот на вработени воглавно се однесува на администрација и продажба а не на производство.
Произведувачот на познатите коцки минатиот месец го именуваше Нилса Б. Кристијансен, кој девет години бил на чело на компанијата Данфос за производство на термостати, за нов генерален директор наместо привремениот британски извршен директор Балија Паде.
Кристијансен стартува на новата функција на 1. октомври. Групата моментално има повеќе од 19 000 вработени ширум светот.
