ПОРАДИ КРИЗАТА НА БЛИСКИОТ ИСТОК: Ќе поскапат алуминиумските прозорци, врати, профили
Доколку планирате да купувате алуминиумски врати, прозорци, профили, веќе има најави дека ќе поскапат поради зголемувањето на цената на алуминиумот на светските берзи. Од повеќе продавници ни потврдија дека цените наскоро ќе бидат повисоки. Колкаво ќе биде поскапувањето засега не се знае.
„Има најава дека материјалот ќе поскапи. За колку ќе поскапи, никој не знае засега и не може прецизно да каже. Граѓаните ќе мора да плаќаат поскапо за алуминиумски прозорци, врати, односно сѐ што се однесува на репроматеријали врзани со алуминиум ќе поскапи за 10-тина проценти, а можеби и повеќе, затоа што и претходно било така. И за време на пандемијата на коронавирусот имаше поскапување, а потоа се стабилизираа цените. Граѓаните користат алуминиумски прозорци, врати, оние што можат да си дозволат. Тие што купуваат пак ќе купат, само ќе им биде поскапо. Во секој случај алуминиумот не бара дополнителни обработки, ниту кородира, не му треба заштита, тоест си има свои предности. Прозорци од алуминиум што се направени пред 60 години, луѓето уште ги користат. Имаат долг век, а пластиката не верувам дека има толку долг век“, велат од скопска фирма.
Од друга компанија во внатрешноста објаснуваат дека за неколку дена ќе има поскапување.
„Се најавува поскапување. До крајот на неделата се очекува цената да се покачи. Некои коментираат дека и до 20 отсто може да биде, ама тоа се неофицијални информации, ќе видиме дали ќе биде така. Ние ништо не можеме да смениме. Продаваме прозорци, профили и влезни врати. Луѓето се стегаат поради ситуацијата, не купуваат како порано“, додаваат од фирма во внатрешноста.
Кон крајот на мeсецов, цените на алуминиумот генерално се зголемени, при што 3-месечните фјучерси се движат околу 3.200 американски долари за тон.
CNBC известува дека прекините во снабдувањето на Блискиот Исток предизвикале значителен пораст на цената на овој основен метал. Иако алуминиумот е еден од најзастапените метали на Земјата, тој игра важна улога во глобалната економија. Го користат во електрониката, транспортот, градежништвото, сончевата енергија и пакувањето. Бахреинската топилница „Алба“ го намали производството за 19 отсто од своите 1,6 милиони тони годишно, што само ги зголемува стравувањата од глобален недостиг.
Увозот на руски необработен алуминиум во Европската Унија(EУ) се намали за речиси 20 пати во јануари во споредба со истиот период минатата година, по забраната на ЕУ, објави деновиве РИА Новости.
Сања Атанасовска