ПОРАДИ БОЈКОТОТ: Продолжување на учебната година и по 10 –јуни?
Директорите на скопските средни училишта во кои учениците изминатиов период ја бојкотираа наставата, испратиле до градоначалникот на Град Скопје Коце Трајановски, барање за продолжување на наставната година. Во барањето директорите посочуваат дека поради бојкотот се изгубени многу наставни часови и дека можат да се надокнадат со продолжување на наставната година.
-Во изминатите две недели во дел од средните училишта на Град Скопје, учениците ја бојкотираа наставата.На тој начин беа изгубени многу наставни часови. За првите три дена од бојкотот, според решенијата кои ги добивме од ДПИ изготвивме планови за надоместувања на тие денови. Но, бидејќи бојкотот продолжи и во наредните денови, започнувајќи од 9-ти април 2015 година,немаме подготвено планови, а со оглед на постоечките работни денови до крајот на наставната година, нема ни доволно време за планирање на нивно одработување. Затоа како надлежен за средните училишта на Град Скопје, ви се обраќаме со барање да ни помогнете наставната година да се продолжи и сите изгубени денови на овој начин да се одработат. Исто така во името на активот на директори на средните училишта на Град Скопје , бараме да бидеме вклучени во работни групи за изготвување и донесување на измени на Законот за средно образование, посочуваат директорите од средните училишта “Здравко Цветковски”, “Никола Карев”, “Георги Димитров”, “Орце Николов”, “Јосип Броз Тито” и “Раде Јовчевски Корчагин”.
Градоначалникот на Град Скопје ваквото барање го проследил до министерот за образование и наука Абдулаќим Адеми.Во барањето Трајановски го образложува предлогот на директорите и бара согласност од министерот за продолжување на наставната година.
-Врз основа на член 25 од Законот за средно образование,ви се обраќам со барање за согласност за продолжување на наставната година по 10 јуни односно 20 мај 2015 година за завршните години во неколку средни училишта на Градот Скопје каде деновиве се случува повеќедневен прекин на наставата поради бојкотот на учениците. Имено директорите на училиштата во кои се бојкотира наставата од страна на учениците бараат можност за исполнување на обврските утврдени во член 24 во гореспоменатиот закон преку продолжување на наствната година за онолку денови за колку трае прекинот на наставта во нивните училишта, посочува градоначалникот Трајановски во барањето упатено до министерот Адеми.
Овие предлози ќе бидат презентирани и за нив ќе дискутираат советниците на Град Скопје на закажаната седница за следната недела.
Во меѓувреме по три недели под отворено небо, вчера средношколците го растурија кампот пред Министерството за образование и наука. Тие велат дека ставаат крај на кампувањето поради,игнорантскиот однос на надлежните, а одлуката да се прекине бојкотот и кампувањето ја донесле на состанокот на генералниот пленум поради страв за нивната безбедност.Сепак средношколците велат дека иако се повлекуваат, од септември ќе има нова борба за подобро образование и дека не се откажуваат од барањата за стопирање на екстерното тестирање и враќање на стариот концепт на државна матура во наредните четири години.
Од Средношколскиот пленум им порачаа на надлежните овие неколку месеци да ги разгледаат нивните барања, бидејќи во спротивно алармираа дека може да биде ставен во прашање почетокот на новата учебна година во септември.
Во кои кои училишта се бојкотираше наставата?
Во “Информацијата за средношколските протести и состојбите во средните училишта на Град Скопје“, која пред градските советници ќе се најде следната недела, предлагачот осдносно градоначалникот Трајановски, дава осврт на Законот за средно образование, бојкотот на дел од учениците и причините, но и податоци за тоа во кои средни училишта како се одржувала наставата. Во однос на барањата на средношколците кои бојкотираа, а кои се однесуваа на ставање во мирување на екстерното тестирање и враќање на стариот концепт на државна матура, односно математиката да не биде задолжителен туку изборен екстерен испит, во образложението на Градот се посочува дека законските одредби неколку пати претрпеле измени а се со цел да се подобри образованиот концепт и дека дел од барањата на учениците биле прифатени.
-Во изминатите години Концепцијата за државна матура претрпе одредени измени и дополнувања. Со последната измена и дополна на Концепцијата направена во 2013 година, се предвидува полагање на три задолжителни екстерни предмети за учениците од сите три вида на средно четиригодишно образование. Согласно на оваа измена, за учениците од гимназиско образование, трет задолжителен екстерен предмет на државната матура од 2014/2015, покрај мајчин јазик и странски јазик, ќе биде математика. Од учебната 2015/2016 година ова ќе важи и за матурантите од средното стручно образование. Од оваа измена се иземени само учениците од средните уметнички училишта, затоа што тие не го изучуваат предметот математика. Во изминатите два месеци се водеше широка дебата меѓу сите засегнати субјекти во образовниот процес и истите станаа предмет на директни преговори меѓу Министерството за образование и наука и претставници на средношколските организации и групи. Како резултат на истите, во текот на преговорите од страна на Министерството за образование и наука беа донесени одлуки со кои би се прифатиле дел од барањата на средношколците, а во насока на изнаоѓање подобри решенија за подигање на квалитетот на образованието и особено за нормализирање на наставниот процес во финишот на учебната година. Имено, се постигна согласност во оваа учебна година да се применува стариот концепт на полагање на државна матура. Во однос на барањата за ставање во мирување на екстерното тестирање Министерството не се изјасни позитивно што беше повод дел од средношколците да го продолжат бојкотот на наставата, се наведува во образложението на Градот.
Според податоците на Градот во најголем број од училиштата наставата се одвивала редовно и без прекин, односно бојкот на наставата од страна на ученици немало во следниве средни училишта: СУГС„Панче Арсовски“, СУГС„Зеф Љуш Марку“,СУГС„Димитар Влахов“,СУГС„8-ми Септември“,СУГС„Цветан Димов“,СУГС„Боро Петрушевски“, СУГС„Лазар Танев“, СУГС„Владо Тасевски“, СУГС„Арсени Јовков“,СУГС„Михајло Пупин“, СУГС„Марија Кири Склодовска“ и СУГС„Васил Антевски Дрен“. Од друга страна, делумен или целосен прекин на наставата, според добиените податоци, имало во следниве училишта: СУГС„Јосип Броз Тито“, СУГС„Раде Јовчевски Корчагин“, СУГС„Орце Николов“, СУГС„Никола Карев“, СУГС„Георги Димитров“, СУГС„Кочо Рацин“, СУГС„Браќа Миладиновци“, СУГС„Здравко Цветковски“и СУГС„Др. Панче Караѓозов“.
Директорите на училиштата каде имало бојкот на наставата, до Градот доставиле детални информации колку ученици бојкотирале и како се одржувала наставата со оние кои не ја бојкотирале наставата. Еве дел од информациите што ги добил Градот од училиштата:
-Според информациите добиени од СУГС „Јосип Броз Тито“ дел од учениците од прва, втора, трета и четврта година го бојкотирале наставниот процес 20 наставни дена (во периодот од 08.04. до 08.05.2015 година ). Нема формално известување, барање или поднесок од страна на учениците за бојкотот на наставата. Отсуствата на учениците биле редовно евидентирани во дневникот на секоја паралелка.Во СУГСˮЈосип Броз Титоˮ за учениците кои не ја бојкотирале наставата се реализирале часови во согласност со распоредот.
- Во СУГС„Раде Јовчевски Корчагин“ бојкотот на наставата започнал на 06.04.2015 година и траел до 08.05.2015 година, односно траел 22 наставни дена. Наставата ја бојкотирале дел од учениците од сите четири наставни години. Отсутните ученици не се евидентирале во дневникот за работа на паралелките. Во дневникот за работа се водело евиденција само за присутните, а отсутните ученици биле евидентирани во посеби листи.Во училиштето поради бојкотот на наставата од страна на учениците биле превземени следните активности: одржан вонреден Наставнички совет, одржани две вонредни родителски средби и вонреден наставнички совет и одржан Советот на родители. Во „Раде Јовчевски Корчагин“ бојкотот на наставата од страна на учениците е прекинат на 11.05.2015 година.
-Во СУГС„Орце Николов“ наставниот процес бил во прекин од 03 април до 08 мај 2015 година. Наставата ја бојкотирале ученици од сите четири наставни години. За време на прекинот на наставата учениците биле соодветно евидентирани за отсуството. СУГС„Орце Николов“ презело повеќе активности за нормализирање на воспитно-образовниот процес. Според податоците неделно во април месец од вкупно 1116 ученици наставата ја бојкотирале од 600 до 811 ученици.
-Во СУГС„Никола Карев“ бојкотот на наставата од страна на учениците започнал на 06.04.2015 година и траел до 08.05.2015 година, при што наставниот процес бил во прекин 22 наставни дена. До училиштето од страна на учениците немало доставено пишано формално известување, иако со почетокот на бојкотот претставници од учениците усно ја информирале директорката за почеток на бојкотот. Учениците кои ја бојкотирале наставата биле евидентирани во дневниците на паралеките и истовремено биле водени списоци со потписи на ученици кои биле во училиштето, но не следеле настава. За време на бојкотот не се реализирала настава, но во одредени денови биле реализирани други активности.
-Во СУГС„Георги Димитров“ во периодот од 07 до 09.04.2015 година дел од учениците од I, II, III и IV година ја бојкотирале наставата, истата се реализирала 60 проценти. Во перидоот од 14 до 30.04.2015 имало делумен бојкот на наставата. Во паралелките од прва и четврта година најголемиот број ученици биле на настава, поголем број отсутни ученици имало во втора и трета година.
- Во СУГС„Кочо Рацин“ наставата во стручното образование се одвивала нормално, односно немало бојкот од страна на учениците. Но, учениците од гимназиските паралелки ја бојкотирале наставата на 06.04.2015 година и истата била во прекин 15 дена, меѓутоа во одредени класови делумно имало настава. Учениците кои ја бојкотирале наставата биле од сите наставни години и отсуствувале по 30 часа на неделно ниво.
- Во СУГС „Браќа Миладиновци“ бојкот на наставата имало само на ден 07.04.2015 година. Бојкотот не бил од страна на сите ученици. Од вкупно девет паралелки од трета и четврта година на бојкот излегле III-1, 26 ученици, III-2, 27 ученици, IV- 2, 8 ученици. Формално известување во врска со бојкотот, барање или поднесок од страна на учениците не било доставено до училиштето. Отсутните ученици биле евидентирани во дневникот на паралелката.
-Во СУГС „Здравко Цветковски“ бојкот на наставата од страна на дел од учениците имало на 07, 08, 09, 14, 15, 16 и 17.04.2015 година. На 07.04 бојкотирале четири паралелки од трета година, на 08.04. бојкотирале една паралелка од втора година, шест паралелки од трета година и три паралелки од четврта година, на 09.04. бојкотирале седум паралелки од трета година и две паралелки од четврта година, на 14.04. бојкотирале пет паралелки од трета година и две паралелки од четврта година, на 15.04. бојкотирале две паралелки од трета година и две паралелки од четврта година, на 16.04. бојкотирале една паралелка од трета година и две паралелки од четврта година и на 17.04. бојкотирале две паралелки од четврта година.
- Во СУГС„Др. Панче Караѓозов“ бојкот на настава од страна на учениците имало во периодот од 14.04. до 17.04.2015 година од паралелките на македонски наставен јазик од II, III и IV година, како и во периодот од 05.05. до 08.05.2015 година од страна на учениците од II, III и IV година на македонски наставен јазик и I, II, III и IV година на албански наставен јазик . Во тој период не биле отсатни цели паралелеки т.е. имало делумно присуство на ученици, а наставниците реализирале настава според распоред. На 23.04.2015 година учениците од втора смена не биле на настава (учествувале во средношколски марш).
Ј.С
Слично
