Попоски за бегалската криза:Мора да се работи на реадмисија и релокација
Грција не треба да се остави сама да се справува со десетици илјади мигранти кои сега се наоѓаат на грчка територија и за тоа мора да се работи на реадмисија и релокација, изјави македонскиот министер за надворешни работи, Никола Попоски во Солун.
По завршувањето на состанокот на министрите за надворешни работи на Македонија, Грција, Бугарија и Албанија, тој кажа дека годинава со Грција се воспоставени канали за комуникација. Попоски е категоричен дека сите треба да се фокусираат оваа ситуација да не потрае подолго.
„Постои план на ЕУ, можеби не е совршен, но дефинитивно е единствениот кој го имаме на маса и секој од нас треба да се потруди да функционира. Миграциската криза можеби е само можност да покажеме едни на други дека сме посветени да градиме добри односи на долг рок и ја имаме таа одговорност“ - рече Попоски.
Состанокот траеше вчера и денеска со цел зајакнување на дијалогот и проширување на перспективите за понатамошна прекугранична соработка во областа на координацијата и справувањето со заедничките предизвици, како што се бегалската и миграциската криза.
Попоски во текот на овие два дена имаше и одвоени билатерлани средби со шефовите на грчката и бугарската дипломатија, Никос Коѕиас и Даниел Митов.
