Попоски:Прифатливо е СДСМ да биде повторно дел од Владата
СДСМ е единствената опозициска партија која бега од избори, кои меѓу другото сама ги побарала, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Воедно бегството од избори СДСМ го прославува исто како изборна победа и тоа е класично одбегнување од соочувањето со граѓаните, обвини денеска ВМРО-ДПМНЕ.
Во врска со барањата што ги изнесе лидерот на СДСМ, Зоран Заев, пораката од владејачката партија е дека избори се прифатливи во секој термин, но нема да дозволи државата и граѓаните повторно да бидат заложници на ново лицитирање со термини, како што тоа беше случај со 24 април и со 5 јуни.
„За ВМРО ДПМНЕ е прифатливо СДСМ да биде повторно дел од Владата, во насока на подготовка на фер, слободни и демократски избори. Сепак, премногу пати во минатото беше погазен дадениот збор, така што овој пат ќе мора да покажат дека се сериозни во врска со одржувањето на изборите и дека тоа навистина го посакуваат. Во оваа насока меѓу гаранциите кои ќе треба да ги понуди СДСМ е потврда дека избирачкиот список е прочистен и дека во периодот кој следи посветено ќе работат на подигање на довербата во Избирачкиот список, за кој сакаме да нагласиме дека не беше спорен за ВМРО ДПМНЕ“- изјави Никола Попоски, член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ.
Откако СДСМ ќе констатира дека се исполнети условите за одржување на фер, слободни и демократски избори, ВМРО-ДПМНЕ е подготвена да разговара околу желбата да се биде дел од Владата.
Попоски за демонстрантите вели дека секој што уништувал јавен имот, треба да одговара за несоодветни постапки.
