Попоски избегна средба со Венизелос во Брисел?
Шефот на дипломатијата Никола Попоски од објективни причини го откажа учеството на Конференцијата против геноцидот, што во Брисел денеска ја организира Кралството Белгија, соопштија од Министерството за надворешни работи.
На конференцијата, меѓу другите учествуваат и генералниот секретар на Обединетите нации Бан Ки-мун, грчкиот шеф на дипломатијата Евангелос Венизелос и шефот на словачката дипломатија Мирослав Лајчак.
Од МНР нема подетални информации зошто е откажано учеството на Конференцијата, на која Попоски би седел на иста маса и со Венизелос и со Бан Ки-мун.
Сепак, шефот на македонската дипломатија утре ќе биде во Брисел, каде што ќе учествува на состанок на НАТО-сојузниците со земјите - учеснички во мисиите на Алијансата. Централна тема на состанокот се очекува да биде Авганистан по завршувањето на ИСАФ мисијата кон крајот на оваа година, но и ситуацијата во Украина.
Министерот Попоски ќе има свое излагање, на кое ќе ги презентира видувањата на Република Македонија за иднината на надворешното присуство во Авганистан по 2014 година. Министерскиот состанок во НАТО е и добра рамка неформално да се разменат видувања со колегите од земјите-членки на Алијансата околу перспективите на следниот Самит во септември оваа година во Кардиф, соопштуваат од МНР.
Слично
