Понудата на Владата ја лансираше акцијата на „Макпетрол“
По најавата на Владата дека ќе ги откупи акциите на „Макпетрол“ инвеститорите чистат се што е на продажна страна. По неполн час тргување акцијата на „Макпетрол“ се бара на цена од 70.000 денари
По најавата на Владата дека ќе даде понуда за откуп на сите акции во ГА-МА кои ги поседува „Макпетрол“ денеска инвеститорската заедница реагираше еуфорично и бурно. Акцијата на „Макпетрол“ во моментите на пишување на текстот се бара на цена од 70.000 денари, а досега помина одредена количина на цена повисока од 66.000 денари за акција.
Ова значи дека постои тенденција кај инвеститорите дека акцијата на „Макпетрол“ е „бест бај“ во моментов заради тоа што се учекува менаџментот и акционерите да ја прифатат понудата и да го „уновчат“ својот дел во ГА-МА. Иако засега нема официјална најава за тоа колку пари ќе понуди државата за да ги откупи акциите на „Макпетрол“ се шпекулира дека станува збор за неколку десетици милиони евра.
Како што веќе пишувавме Владата објави дека резервирала пари за да ги купи акциите на „Макпетрол“ во ГА-МА, акционерско друштво, кое е сопственик на инфраструктурата за пренос на природен гас во земјава. Дознаваме дека „Макпетрол“ ќе ја прифати понудата на Владата доколку понудената цена е фер и согласно со пазарната вредност на преносниот гасоводен систем со Македонија и е поврзана со Бугарија од каде добива руски природен гас. Доколку се реализира ова решение во тој случај ќе се стави среќен крај на деценискиот спор во кој низ судските лавиринти се докажуваа Владата и „Макпетрол“.
