ПОНИСКИ ПРОВИЗИИ АКО СЕ ПЛАЌА ЕЛЕКТРОНСКИ: Голема придобивка од новиот Закон за платежни услуги и платни системи и влезот на финтек-компаниите
Со развојот на
финтек секторот се очекуваат пониски провизии за електронските плаќања на
трговците кон давателите на платежните услуги. Ова е овозможено со донесување на
новиот Закон за платежни услуги и платни системи и влезот на финтек-компании.
Очекувањата се тоа да се случи во 2022 година, а она што се применува во Европа
да се достигне во 2025 година.
Поширока понуда на полесно достапни, побрзи финансиски услуги со можност за инстант плаќања 24 часа во неделата, ќе бидат на располагање на граѓаните со развој на финтек секторот. Како што велат за МИА од Народната банка, се предвидува можност за граѓаните за отворање платежна сметка со основни функции преку која ќе може да извршуваат платежни трансакции за намирување на нивните вообичаени обврски, односно сметки за вода, електрична енергија, греење, интернет и сл. или пак трансфер на парични средства на друго лице, без користење дозволено пречекорување.
– За извршувањето на овие трансакции, граѓаните ќе плаќаат разумна висина на надоместоци која не смее да биде повисока од 0,1 отсто од подвижниот просек на просечната месечна исплатена нето-плата во земјата за претходните 12 месеци, додека граѓаните кои се корисници на одредени законски права ќе може да ги добиваат овие услуги без надоместок. Минималниот број трансакции коишто треба да ги обезбедат банките по оваа цена за граѓаните изнесува најмалку пет трансакции месечно, при што во овој број ќе се вклучуваат само плаќањата насочени кон други правни и физички лица коишто се клиенти на истата банка, појаснуваат од Народната банка.
Последните расположливи податоци за 2020 година, што ги објавува Народната банка, укажуваат на тоа дека просечниот надоместок кој давателите на платежни услуги го наплатиле од трговците за плаќањата извршени со парични картички изнесува 1,21 отсто, при што тој варира во зависност од дејноста и големината на трговецот и се движи во распон од просечни 0,77 отсто за информатичка технологија и бела техника до 2,71 отсто за електронска трговија. Трговците, посочуваат од Народната банка, понатаму овие трошоци им ги пренесуваат на потрошувачите преку повисоки цени на производите и услугите.
