Помпео среде Минск понуди поевтина нафта од руската
Соединетите американски држави се подготвени целосно да ја снабдуваат Белорусија со енергетски ресурси по конкурентни цени, изјави денеска во Минск државниот секретар на САД, Мајк Помпео.
„Нашите производители на енергија се подготвени да испорачаат 100 проценти од потребната нафта по конкурентни цени“, рече Помпео по средбата со белорускиот претседател Александар Лукашенко и министерот за надворешни работи Владимир Макеј, пренесува Тас.
Помпео е првиот државен секретар на САД што ја посетува Белорусија по 26 години, во време на напнати односи меѓу Минск и Москва во врска со енергетските проблеми, забележува АП и проценува дека изјавата на Помпео е „шлаканица во лицето на Русија“, бидејќи земјата неодамна го прекина снабдувањето со нафта за Белорусија.
Помпео на состанокот со Лукашенко рече дека се надева оти ќе помогне да и се даде на Белорусија можност за постигнување на „суверенитетот и независноста“ за која се стреми.
„САД сакаат да и помогнат на Белорусија да изгради своја суверена држава. Нашите производители на енергија се подготвени да испорачаат 100 проценти од нафтата што ви треба по конкурентни цени. Ние сме најголемиот производител на енергија во светот и се што треба да направите е да ни дадете повик“. рече Помпео на заедничката прес-конференција..
Белорусија и Русија не успеаја да постигнат договор за снабдување со нафта за оваа година, предизвикувајќи го Кремљ да ги прекине испораките на белоруските рафинерии, иако делумно ги обнови на 4 јануари.
Спорот, според „Ројтерс“, бил дополнет со поширок геополитички конфликт меѓу Москва и Минск во кој Лукашенко го обвини Кремљ дека се обидува да ја присили Белорусија да влезе во унија со Русија, за која што рече дека ќе означи крај на неговата политичка кариера.
