Помпео ја охрабри Србија да се фокусира на продолжување на дијалогот со Косово
Американскиот државен секретар Мајк Помпео за време на состанокот со српскиот претседател Александар Вучиќ во Њујорк изјави дека ја охрабрува Србија да се фокусира на стратешка цел - членство во ЕУ и да продолжи со дијалогот со Косово, соопшти Стејт департментот.
Помпео и Вучиќ разговараа за билатералната визија за стабилен, безбеден и просперитетен регион на Западен Балкан и ја продолжија поддршката на САД за патот на Србија кон Европската унија, пренесуваат медиумите од регионот.
„Секретарот Помпео ја охрабри Србија да се фокусира на таа стратешка цел со забрзување на реформите и да продолжи со дијалогот со Косово за сеопфатна нормализација на односите што води кон взаемно признавање“, се вели во соопштението на Стејт департментот.
Помпео повтори дека обете страни треба да избегнуваат провокации што го попречуваат процесот на нормализација и да се вклучат во духот на компромис и флексибилност што е неопходно за постигнување договор и искористување на потенцијалот на двете земји.
