Помош за земјоделците кои претрпеа штети од поплавите
Со 30 милиони денари Владата ќе им помага на земјоделците кои претрпеа штети од неодамнешните поплави, што претставува 30 проценти од вкупната проценета штета.
Исто така и од Агенцијата за стокови резерви на десетици земјоделци евидентирани во регистарот ќе им биде отстапена сточна храна во висина од 750 килограми пченка и 12 тони јачмен.
Ова се дел од третиот пакет мерки што Владата ги презема за помош на населението кое беше зафатено од поплавите.
Портпаролот на Владата Александар Ѓорѓиев денеска на прес-конференција информираше дека според направените проценки и пресметки како резултат на поплавите настаната е штета во вредност од 100 милиони денари на околу 2.000 индивидуални земјоделски стопанства.
Штетите се со различен процент на оштета, а гледано по култури најголема штета има кај зелката - 40 милиони денари, доматот - 25 милиони денари, краставицата - 11 милиони денари, луцерката - 6 милиони денари, пченицата - 5 милиони денари, пиперот - 3 и компирот и марулата по еден милион денар.
- Владата останува посветена на следење на состојбите и давање поддршка на зејоделците, нагласи Ѓорѓиев и уште еднаш апелираше до земјоделците да ги осигураат своите имоти.
Слично
