Поминаа шест години од Букурешт – какви се шансите на Македонија во НАТО?
Утре се навршуваат шест години од Самитот на НАТО во Букурешт, на кој Алијансата донесе одлука членството на Македонија да го одложии додека не се постигне решение за македонско-грчкиот спор околу името.
Албанија и Хрватска, земјите чиј прием во Алијансата беше потврден на тој самит, денеска прославуваат точно пет години како земји-членки на НАТО. Официјално тие станаа членки на 1 април 2009 година.
Важниот датум им го честиташе и американскиот државен секретар Џон Кери, кој вчера испрати порака со која ги поздрави трите проширувања на Алијансата, на кои се одбележуваат 5, 10 и 15-годишнини. На 12 март 1999 година кон Алијансата се приклучија Унгарија, Полска и Чешката Република, на 29 март 2004 година - Бугарија, Естонија, Летонија, Литванија, Романија, Словачка и Словенија.
„НАТО е силен денеска благодарение на вредностите што ги делат сите сојузници.САД се приклучуваат кон сојузниците во потврдата дека вратите на НАТО остануваат отворени за секоја европска земја која е во можност да ги исполни обврските за членство и која може да придонесува за безбедноста на евроатлантската област“, изјави Кери.
Министрите за надворешни работи на земјите-членки на Алијансата и на денешниот состанок се осврнаа на проширувањата и на најавите дека следниот самит на НАТО би можел да биде самит на проширување.
„Руското однесување нема да има никакво влијание врз нашата политика на отворена врата. НАТО вратата останува отворена. Алијансата може да покани секоја европска демократија која ги исполнува потребните критериуми. Одлуката за проширување ја носиме во рамките на НАТО без мешање од трета страна“, изјави генералниот секретар Андерс Фог Расмусен.
Сепак, никој не може со сигурност да каже уште колку Македонија ќе мора да чека за членство во евро-атлантската организација. Полско-американскиот конгрес испрати писмо до американскиот претседател Барак Обама во кое го повика безусловно да даде поддршка за полноправно членство на Македонија во НАТО на следниот Самит во Велика Британија.
„Силно веруваме дека НАТО проширувањето во Централна и Источна Европа ќе ја зајакне безбедноста во регионот, а во однос на моменталната криза во Украина и Крим, посебно со навлегувањето на Русија во регионот, чувствуваме дека е потребно НАТО да ги отвори своите врати оваа година на нашите сојузници како што е Македонија“, му пишаа на Обама од оваа организација, која ги претставува 12 милиони полски иселеници во САД.
Билјана Арсовска
Слично
