ПОМАЛКУ РИЗИК, ПОВЕЌЕ ДИВИДЕНДИ: Во 2016 -та најдете алтернатива за Вашите пари!
Јоршко водостопанство. Веруваме дека немате чуено за него. Да бидеме искрени, и ние го откривме пред некој ден. Се работи за едно малечко и за финансискиот свет безначајно претпријатие од руралниот дел на Пенсилванија во Соединетите американски држави, коешто веруваме веќе претпоставувате, го снабдува со вода локалното население.
Си велите, зошто воопшто Ви раскажуваме за него?
Има една работа која оваа компанија ја прави посебна. Тоа е најстарото претпријатие во светот, кое редовно и непрекинато им исплаќа дивиденда на своите акционери. И тоа го прави секоја година, уште од далечната 1815. Да, токму така. Тоа е онаа истата година во која Наполеон беше поразен во познатата битка кај Ватерло, а во Македонија владеел систем на воен феудализам во рамките на Османлиската империја. Ова навидум обично водостопанско претпријатие, годинава ја прославува двестотата годишнина, откога започнало да исплаќа дивиденди. Имајќи предвид дека и понатаму си функционира нормално, лесно може да се заклучи дека акционерите се задоволни од исплаќаните бонуси во последните 200 години, па и понатаму ќе си ги задржат акциите. А зарем некој би играл поинаку?
Со овој вовед, би сакале да поттикнеме размислување околу една нискоризична стратегија, која долгорочно е исплатлива поради вложувањата во компании со традиција при исплатата на дивиденда. Таквите компании носат поголема стабилност во портфолиото и овозможуваат подобро планирање на паричните текови, односно приходите. Особено се популарни помеѓу повозрасната генерација - пензионерите во САД и Западна Европа. Тие се потпираат на дивидендата како значаен дополнителен приход, покрај редовната пензија.
Цените на акциите постојано варираат. Поради тоа, капиталните добивки се непредвидливи. Меѓутоа, добрите и успешни компании се трудат нивните исплати кон акционерите во облик на дивиденда да бележат константен раст. Затоа, кога времињата се добри, тие акумулираат дел од заработката и го чуваат за исплата во кризни години. Убав пример за тоа се некои од компаниите што се занимаваат со производство на нафта и суровини, како BHP Billiton, Exxon Mobile или Shell, кои за годинава и следната најавија дека и покрај остриот пад на цената на нафтата, а со тоа и заработката од работењето, ќе сторат сѐ што е во нивна моќ за да го задржат износот на исплатените дивиденди на ниво од претходните години.
2016 ќе биде тешка година. Американските пазари растат непрекинато речиси 7 години по ред, па како последица од тоа, „бикот“ делува малку задишано. Вложувањата во депозити и обврзници не носат речиси никаков принос. Па така, инвеститорите во 10-годишни швајцарски обврзници губат по 0,2% секоја година, додека оние кои поседуваат германски обврзници заработуваат по 0,5% годишно. Спротивно на тоа, Novartis, Nestle, Unilever, Procter&Gamble, Shell или Exxon, кои имаат стабилни дивидендни приноси во рангот од 3 до 5%, претставуваат доста привлечна инвестиција за вакви времиња. Тоа се компании кои носат стабилност на портфолиото, при евентуални негативни корекции на берзите. Најубавото од сѐ во приказнава е што се лесни за вложување. Нивните акции се тргуваат секојдневно на светските берзи, а вложувачите ја имаат и можноста да одберат фонд со адекватна инвестициска политика.
Каматите на депозитите уште долго време нема да надминат 3% на годишно ниво. Па доколку сакате поголема добивка, време е да пронајдете алтернатива за Вашите пари.
КД Фондови Скопје, повеќе од штедење
Слично
