Економија, финансии, бизнис

Контакт

Помалите партии незадоволни од постигнатиот договор

Помалите партии незадоволни од постигнатиот договор

Помалите партии денеска реагираа дека не се задоволни од постигнатиот договор вчера меѓу партиите потписнички на Пржинскиот договор.

Тие се сомневаат дека во декември ќе има фер и слободни избори, како што бараа граѓаните.

Левица со незадоволство гледа на склучениот договор Пржино 2, договор кој не гарантира фер и демократски избори и излез од политичката и економска криза. Склучен е договор кој ги изневери барањата и принципите на протестното движење, на најголемиот дел од сите оние граѓани кои масовно и секојдневно излегуваа на улиците изминатите 3 месеци, велат од оваа партија.

Од Демократскиот сојуз велат дека постигнатиот договор помеѓу четирите политички партии за одржување на избори во декември  е само фрлање прашина во очите на јавноста и тој  не гарантира создавање на услови за фер, демократски и кредибилни избори.

„Од круцијално значење беа предлозите за реформите во судскиот систем, безбедноста, деполитизација на државните институции, потоа реформите во медиумите, формирање на судско одделение кое ќе постапува по предмети од СЈО, како и формирање на експертска Влада која ќе ги спроведе реформите и сл. Исто така, од исклучителна важност за демократизација на државата и демонтажа на еднопартискиот систем беше Македонија да биде една изборна единица, но и тие промени не се направија, ниту пак се прочисти Избирачкиот список“- се наведува во соопштението од ДС.

Лилјана Поповска од ДОМ вели дека се договорени минимум услови и смета дека избори ќе има до крајот на годинава.

„Ова очигледно беше максимумот што можеше да се издејствува во овие преговарачки услови во кои опозицијата беше претставувана само од СДСМ, додека пак другите партии во преговорите ја претставуваа власта“– вели Поповска.

Таа смета дека избирачкиот списокот ќе треба да се допрочисти во некоја наредна фаза, бидејќи не се решени уште околу 110.000 гласачи за кои имаше консензус во ДИК дека се спорни, а остана неразгледани над 6.000 забелешки од граѓани.

Од НСДП сметаат дека доколку раководството на ВМРО-ДПМНЕ не сноси правна кривично-одговорност, пред се, за изборните манипулации со кои доѓаше на власт во претходните изборни циклуси, во тој случај мали се надежите дека може да очекуваме еден фер и демократски изборен циклус, било кога тој и да се одржи.

Слично

Поврзани вести