Економија, финансии, бизнис

Контакт

ПОМАЛА МАРЖА ЗА ТРГОВЦИТЕ - ПОГОЛЕМА КРИЗА ЗА ГОРИВА: Ќе снема ли деривати на бензинските пумпи

ПОМАЛА МАРЖА ЗА ТРГОВЦИТЕ - ПОГОЛЕМА КРИЗА ЗА ГОРИВА: Ќе снема ли деривати на бензинските пумпи

Жестока реакција кај трговците со деривати предизвика најновата одлука на Регулаторната комисија за енергетика - да ја намали нивната маржа за 33 проценти, односно од 4,5 на три денари.

Оваа одлука регулаторот ја оправда со фактот дека тоа е единствениот инструмент што им стои на располагање за да ги заштитат потрошувачите од енормното зголемување на цените на горивата, односно од ценовните шокови кои би го загрозиле нивниот животен стандард.

Но, дали е оваа мерка сосема оправдана и дали можеби нема да предизвика поголеми негативни ефекти отколку што се добрите намери да се заштити животниот стандард на граѓаните. Дали е оваа одлука пазарна, во услови во кои, како што велат трговците, и сега работат со големи загуби, се со цел да продолжи редовното снабдување на граѓаните и на стопанството со гориво. 

Треба ли нафтата и нафтените деривати да се третираат како социјални категории, во услови кога власта сака да одржи ниска цена на горивата, која, пак, сега е вештачка во овие услови. Дали, доколку трговците се оштетат финансиски поради намалувањето на маржата, ќе можат да продолжат да набавуваат нафтени деривати, и конечно, како сето тоа ќе се одрази на снабдувањето на пазарот, односно, нема ли да доведе до криза во обезбедувањето на овие енергенси, и што е можеби најстрашно од се, недостиг во снабдувањето со гориво. И конечно, како ова ќе го поднесат малите трговци со нафтени деривати, дали тие ќе можат да продолжат да егзистираат, или, пак, ќе мора да ги затворат своите бензински станици.  

Оваа дилема се наметнува дотолку повеќе што во вакви услови кои сега ги живее светот, незапаметени досега, не е извесно колку временски ќе трае оваа мерка на намалена маржа на трговците, односно како ќе се издржи доколку има потреба таа да се задржи подолг период.

Трговците укажуваат на повеќе аргументи кои одат во прилог на нивната загриженост.

Најголемиот дистрибутер со горива во земјава „Макпетрол“, предупредува дерка ненадејното намалување на маржите за трговија со горива за 33 отсто, што историски претставува најниска маржа за трговците, создава непазарни услови, кои ќе доведат до криза со снабдувањето со нафта и нафтени деривати.

Од компанијата нагласуваат дека имајќи ја предвид нагласено тесната поврзаност на редовната испорака на горивата со нормалното функционирање на општеството, со оваа одлука постои сериозен ризик за целосна блокада на економијата, и тоа не само на краток, туку и на подолг рок.

Реакција на дистрибутерите која е сосема издржана, е и онаа дека одлуката за намалување на маржата била донесена без никаква консултација со нив. Велат и дека оваа мерка е несоодветна на глобалната криза, од која што особено се зафатени компаниите што се занимаваат со снабдување гориво.

„Овој сектор изминативе недели веќе работи со загуба поради несоодветната методологија за пресметка, што доведува набавните цени да се повисоки од постоечката малопродажна. Со дополнителното намалување на маржите, загубите ќе бидат огромни. Укажуваме дека тоа може да принуди одредени трговци да престанат да продаваат гориво, а тоа е опција која што и ‘Макпетрол’ сериозно ја разгледува“, предупредија од компанијата.

Додаваат дека компаниите што снабдуваат нафта и нафтени деривати не можат врз себе да го понесат товарот на вештачко држење на ниска цена на горивата, како социјална категорија.

„Сепак, станува збор за обврска на државата и на сите мерки што ѝ стојат на располагање, но не на сметка на пазарната логика и приватните компании. Оваа популистичка мерка е неодржлива и може да создаде дополнителна паника меѓу граѓаните, зголемена побарувачка и недостиг на гориво“, предупредуваат од „Макпетрол“.

Реагираа и помалите трговци. Велат дека оваа мерка ќе ги принуди сопствениците да ги затворат бензинските станици во источниот дел на државата.

„Маржата и претходно беше навистина мала, но со сегашното намалување нашите загуби ќе бидат екстремно високи. Тие што ги носат овие одлуки треба да имаат предвид дека иако маржата се намалува, придонесите остануваат на исто ниво, што значи дека ние и понатаму треба да исплаќаме плати како маржата да не е променета. Дополнителен проблем, што се провлекува со години, се и дивите, подвижни, бензински станици кои што нелегално функционираат на паркинзи и каде што гориво се продава и купува во буриња. Поради сите овие крајно непазарни услови, ние нема да имаме избор и ќе ставиме клуч на нашите бензински станици“, вели Гоце Хубрев, претседател на Здружението на брендирани и приватни бензински пумпи, кои што работат во источниот дел на Македонија.

Од РКЕ, пак, оваа своја одлука ја правдаат со фактот што, како што велат, сега живееме во вонредни услови и трговците мора да бидат солидарни со останатиот дел од граѓанството, односно и тие да понесат дел од товарот на кризната состојба, која е последица на војната која никој не ја очекуваше.

„Штом се создадат услови, ние веднаш ќе ја вратиме маржата, но во овој момент и кај трговците треба да надвладее разумот и да бидат солидарни“, објаснуваат од РКЕ, додавајќи дека тие немаат на располагање друг инструмент за да ги заштитат граѓаните, освен да им ја намалат маржата на трговците.

На прашањето кога ќе се создадат тие услови, од комисијата објаснуваат дека треба или да се нормализираат, односно да одат надолу берзанските цени на дериватите, или, пак, да се изгласаат во Собранието соодветните закони за намалување на акцизата, по што треба да се намалат цените на дериватите. 

Досега од ниту еден од трговците со деривати немало најава дека ќе преземат некои порадикални чекори, како што на пример би било одбивање да се точи гориво на нивните бензински пумпи. На прашањето што доколку такво нешто се случи, од РКЕ со став „Нека се обидат, си има институции кои потоа ќе преземат мерки. Состојбата е сериозна и мора сите така да се однесуваме, да надвладее разумот“, објаснуваат од РКЕ, додавајќи дека комисијата не сака да бидат оштетени трговците, и веднаш штом ќе има можности, ќе им ги врати на старо трговските маржи.

Во меѓувреме, РКЕ вчера вечерт донесе одлука бензините да останат по иста цена, а дизелот да поскапи за нови три денари.

Н.Н.Ф.

Слично

Поврзани вести