Половни возила постари од 10 години нема да се увезуваат од 1 јули
Граѓаните од 1 јули ќе можат да увезат половно возило само со стандард Еуро 4 или повисоко.
Следниот месец истекува и рокот за увезување на половни возила што се постари од 2005 година.
Граѓаните кои купиле половно возило со стандард Еуро 3 имаат рок до крајот на овој месец, да ја платат царината и да ги завршат сите увозни процедури.
Според податоците на Царинската управа, во првите четири месеци од 2016 година, се увезени 9.500 возила или скоро двојно повеќе од истиот период лани.
Од 2009 година кога се донесоа мерки за увоз на половни возила се увезени 212.000 половни возила. Вкупниот увоз на возила во овој период е над 272.000 возила.
Најмногу стари автомобили или 51.399 влегле во 2010 година, првата година кога беше либерализиран увозот.
Одлуката за ограничување на увозот која имаше одложено дејство беше донесена уште во 2013 година, на барање на импортерите на нови возила кои тврдеа дека ниските Еуро стандарди се едни од главните предизвикувачи на зимската загаденост на воздухот.
Авто салоните неодамна побараа и дополнително ограничување на увозот – забрана за увоз на возила и со Еуро 4 стандард односно постари од 2009 година.
