Половина Скопје со ладни радијатори, кој е крив што нема парно?
И покрај тоа што Топлификација ги искористи високите дневни температури започнувајќи ја грејната сезона десеттина дена подоцна, и сега, кога температурите се спуштаат до 2 степени над нулата ги остава граѓани да се мрзнат без парно греење. Ова е случај со неколку населби кои се снабдуваат со топлинска енергија од топланите Исток и Запад каде жителите се жалат на ладни радијатори. Од Топлификација не признаваат проблем, тврдејќи дека работат од сабајле до вечер испорачувајќи топлинска енергија.
„Ако граѓаните имаат проблем треба да си се обратат до снабдувачите кои треба да им кажат дали има локален проблем или пак можеби има проблеми во мрежата“, велат во Топлификација.
Токму дефекти во мрежата, неисчистени цевки, затворени вентили или проблеми во внатрешните инсталации се најчестиот одговор кој граѓаните го добиваат од екипите на Топлификација речиси секој почеток на грејната сезона, која вообичаено започнува многу покасно од 15 октомври.
Она што е недозволиво е што за времето додека да се отстрани проблемот, корисниците сепак си го плаќаат целосниот износ на сметките за парно, и тоа преку цела година, иако за време на дефектите трошат пари за да се згреат на друг начин.
Организацијата за заштита на потрошувачите досега, поради поплаки од граѓаните неколку пати реагираше до Регулаторната комисија за енергетика барајќи да не се дозволува граѓаните кои редовно плаќаат за услугата да не ја добиваат.
Слично
