ПОЛОВИНА ОД ВРАБОТЕНИТЕ ЗЕМААТ ПЛАТА ПОМАЛА ОД ПРОСЕЧНАТА
Додека повеќе од половина од вработените во Македонија добиваат нето плата помала од просечната, десет илјади луѓе бројат плата поголема од илјада евра. Еден вработен во јули годинава земал нето плата од 210 илјади евра, што е и најголемата исплата и за која УЈП врши дополнителна контрола. Ова го покажуваат податоците за исплатена нето плата во јули годинава, што Фактор ги доби од Управата за јавни приходи.
Анализата на податоците покажува дека во јули годинава имало 543.148 вработени со полно и скратено работно време.
Од нив, дури 342.991 во јули годинава добиле нето плата до 20 илјади денари. При тоа просечната нето плата во земјава во тој месец изнесувала 22.671 денари.
Плата што е на граница на просечната односно за нешто повеќе од две илјади денари пониска или повисока од просечната нето плата добиле 81.664 вработени. Нето плата од 25 до 60 илјади денари добиле 98.078 вработени.
Плата во илјадници евра бројат само околу десет илјади луѓе, односно сума над илјада евра земале 10.256 вработени.
· До 20.000 денари 342.991 вработени
· Од 20.000 до 25.000 денари 81.664 вработени
· Од 25.000 до 60.000 денари 98.078 вработени
· Над 60.000 денари 10. 256 вработени
· Не земале плата 10.357 вработени
ТРЕТИНА ОД ВРАБОТЕНИТЕ ИМААТ НЕТО ПЛАТА ОД 200 ЕВРА
Нешто помалку од 30% од вработените во Македонија во јули годинава земале нето плата до 12.000 денари, околу 16% земале плата до 15 илјади денари, околу 17 % добиле плата до 20 илјади денари, и околу 15 % земале плата до 25 илјади денари.
Односно, од 543 148 вработени лица дури 158.938 имаат плата до 12 илјади денари. Најголем дел од нив имаат пријавено и остварено полно работно време, помал дел имаат пријавено полно работно време, но остварени помалку работни саати, а најмал дел се пријавени со скратено работно време.
Во јули годинава нето плата од 12 до 15 илјади денари земале вкупно 88.609 вработени, додека плата од 15 до 20 илјади денари земале 95.444 вработени. Плата од 20 до 25 илјади денари, добиле вкупно 81.664 вработени.
Плата од 12.000 до 25.000 денари
· До 12.000 денари 158.938 вработени
· Од 12.000 до 15.000 денари 88.609 вработени
· Од 15.000 до 20.000 денари 95.444 вработени
· Од 20.000 до 25.000 денари 81.664 вработени
НЕТО ПЛАТА КОЈА Е ПОГОЛЕМА ОД ПРОСЕЧНАТА НО НЕ НАДМИНУВА ИЛЈАДА ЕВРА ДОБИЛЕ ОКОЛУ 100 ИЛЈАДИ ОД ВРАБОТЕНИТЕ
Нето плата, што е поголема од просечната, односно повеќе од 25 илјади денари, но сепак не надминува илјада евра им била исплатена на 98.078 вработени. Ондоссно, најголемиот дел земале нето плата од 25 до 30 илјади денари. Оваа сума ја добиле 40.295 од вработените, додека плата од 500 до 1.000 евра во јули годинава им била исплатена на 57.783 вработени.
Плата од 25.000 до 60.000 денари
· Од 25.000 до 30.000 40.295 вработени
· Од 30.000 до 35.000 23.220 вработени
· Од 35.000 до 40.000 13.836 вработени
· Од 40.000 до 45.000 8.653 вработени
· Од 45.000 до 50.000 5.772 вработени
· Од 50.000 до 55.000 3.378 вработени
· Од 55.000 до 60.000 2.947 вработени
ПЛАТА ВО ИЛЈАДНИЦИ ЕВРА САМО ЗА ДЕСЕТ ИЛЈАДИ ЛУЃЕ
Плата поголема од илјада евра во јули годинава добиле само 10.256 вработени.
Според анализата на податоците, од една до две илјади евра добиле 8.358 вработени, од две до пет илјади евра добиле 1.522 вработени, од пет до десет илјади евра земале 222 вработени, од десет до 14,6 илјади евра е исплатена на 50 луѓе.
Додека нето плата поголема од 14,6 илјади евра е исплатена на 104 луѓе. Еден вработен добил сума од 210 илајди евра.
Плата поголема од илјада евра
· Од 1.000 до 2.000 евра 8.128 вработени
· Од 2.000 до 5.000 евра 1.522 вработени
· Од 5.000 до 10.000 евра 221 вработени
· Од 10.000 до 14.500 евра 50 вработени
· Над 14.500 евра 104 вработени
С.Н.