Економија, финансии, бизнис

Контакт

ПОЛОВИНА МИЛИЈАРДА ИНВЕСТИЦИИ ЛАНИ: Војната ќе ги стопи, кризата ќе ги изеде?

ПОЛОВИНА МИЛИЈАРДА ИНВЕСТИЦИИ ЛАНИ: Војната ќе ги стопи, кризата ќе ги изеде?


Во текот на четвртиот квартал од 2021 година, вкупните директни инвестиции во земјата се 197 милион евра, пресмета Народната банка. Во целата мината година вкупните директни инвестиции во земјата изнесуваат 512 милиона евра што е двојно повеќе од претходната 2020 година кога беа речиси 240 милиони евра. Добриот пандемиски резултат во годината која беше извесно заздравувачка сега е во ризик да се повтори годинава односно тековната 2022 година особено што светот е во една неизвесна судбина по инвазијата на Русија на Украина. Речиси сите посочуваат дека следува тешка економска година, а кризата ќе се рефлектира и на странските инвестиции.

Гувернерката Анита Ангелоска Бежоска изјави дека еден од каналите преку кој руско-украинскиот конфликт може да влијае на европската економија па и на нашата е преку инвестициите. 

„Во услови на висока неизвесност, по правило има поголема воздржаност на инвеститорите. Од друга страна се смета дека овој ефект би можел да биде ублажен со поголеми инвестиции во енергетскиот сектор, поради намалување на изложеноста кон руската економија - инвестиции кои би значеле зголемување на енергетската ефикасност и вложување во обновливи извори на енергија, вели гувернерката.

И министерот за финансии Фатмир Бесими смета дека поради кризата може да дојде до поголема претпазливост кај странските и домашните инвеститори, што би се одразило на нивото на инвестиции.

Инвестициите лани се резултат на нето-приливи кај сите компоненти - меѓукомпаниски долг  - за 201,5 милиони евра, сопственичкиот капитал (172,9 милиони евра) и реинвестираната добивка (137,6 милиони евра).

Инаку во 2019 година вкупните директни инвестиции во земјата изнесуваат 326,3 милиони евра. Ова е лош резултат ако се споредува со годината пред тоа односно со 2018 година кога имаше своевиден рекод во овој поглед односно во тој период влегоа во земјата странски инвестиции вредни дури 624 милиони евра.

2021 година - 512 милиони евра

2020 година - 239,8 милиони евра

2019  година  326,3 милиони евра

2018 година   624,49 милиони евра

2017 година  181,73 милиони евра

2016 година  338,43 милиони евра

2015 година  216,72 милиони евра

2014 година   205,14 милиони евра

2013 година   252, 20 милиони евра

А.Т.


Слично

Поврзани вести