Половина Македонија има проблем да плати рати за кредити, одмор не виделе 1,5 милиони граѓани!
Јазот меѓу богатите и сиромашните се продлабочува. Само 5 проценти од граѓаните располагаат со 49% од доходот во земјата.
Стапката на сиромашни лица во Македонија, според објавените податоци на Државниот завод за статистика, во 2012 година изнесувала 26,2 проценти. Бележи намалување во однос на претходните години кога стапката изнесувала 26,8 проценти во 2011 и 27 проценти во 2010 година. Според објавените податоци, бројот на лица кои живееле под прагот на сиромаштија во 2012 година изнесувал околу 540 илјади.
Анализирано по категории на граѓани, се продлабочува сиромаштијата кај вработените лица и кај пензионерите, но државните надоместоци ја амортизираат сиромаштијата кај невработените која во 2012 е намалена на 46,5 отсто.
Благо намалување на процентот на сиромаштијата е регистрирано кај оние што земаат пензија и што добиваат социјална помош.
Податоците покажуваат пораст на бројот на граѓаните кои не можат навреме да си ги платат сметките за комуналии и ратите за кредити. Со ваков проблем се соочуваат над 800.000 граѓани. Се поголем е бројот на оние што не можат да си дозволат да платат еднонеделен одмор во текот на годината или да купат автомобил. Станува збор за дури 1, 5 милиони жители на Македонија.
Инаку, според еден од најновите извештаи на Светска Банка бројот на луѓе во Македонија што живеат со помалку од 2 долари на ден (што е параметар за дефиницијата за сиромаштија) во 2012 та година се зголемил на 140 000. Јазот меѓу богатите и сиромашните се продлабочува. Според анализата, само 5 проценти од граѓаните располагаат со 49% од доходот во земјата.
Слично
