Полноќните разговори меѓу Грција и кредиторите – без резултат
Без договор завршиле по полноќ преговорите меѓу Грција и нејзините кредитори, чии претставници си заминуваат од Атина. Сепак, тие ќе се вратат повторно на 18 април, за да продолжат консултациите со Владата за мерките за штедење. Тие ќе се водат пред решавачката средба на Еврогрупата на 22 април во Амстердам, која треба да се произнесе по следните транши од заемите за Грција во рамките на третиот спасувачки пакет финансиска помош за земјата, соопшти Ројтерс, повикувајќи се на локални извори.
Преговорите не доведоа до пробив на очекувања и до договор, а во вторникот претставници на грчката влада заминуваат за Вашингтон, каде што на 16 и 17 април ќе биде направен обид, да бидат надминати несогласувањата меѓу Европската комисија и Меѓународниот монетарен фонд (ММФ ) за тоа дали е потребно преструктуирање на грчкиот долг.
Министерот за финансии Евклидис Цакалотос вели дека разговорите биле прекинати поради учество на економскиот тим на кабинетот на претстојниот состанок на ММФ и Светската банка во Вашингтон и дека на нив двете страни се согласиле дека има потребен напредок по клучните прашања за да се стигне до договор.
Грција се надеваше да ги заврши преговорите со европските кредитори и Меѓународниот монетарен фонд за време на викендите.
Серијата состаноци со нив сепак се покажаа без резултат. Главните спорни точки се потребни реформи за пензионирање и даночна реформа на Грција.
Грција зависи од заеми за спас од 2010 година и потпиша нов, трет спасителен договор вреден 86 милијарди евра минатото лето.
Претставниците на доверителите почнаа нови преговори со Атина на 4 април со цел проценка на напредокот на Грција по утврдените обврски во спасувачкиот план .
По прекин на преговорите на 8 април за консултации во Брисел, доверителите се вратија во Атина уште истиот ден и преговорите беа обновени на 9 април.
Доверителите и грчките претставници не можат да се договорат за мерките, кои Атина треба да ги исполни за да заштеди 5,4 милијарди евра и да добие пристап до следна транша од меѓународната финансиска помош.
Мерките за кои во моментов се преговара се за зголемување на даноци, закони за лошите кредити и дополнителни пензиски реформи.
„Сè за Грција ќе се одлучи на крајот на неделата во Вашингтон“, каде што во рамките на средбата на ММФ и Светската банка на 16 и 17 април ќе се расправа за решавањето на јавниот долг на земјата, пишува економскиот весник „Нафтемборики“, цитиран од светските агенции .
Весникот нагласува дека ова се случува во услови на ескалацијата на несогласувања меѓу владата во Атина, ММФ и европските институции.
„Та неа“ ги одредува преговорите како „полноќен ќорсокак“, истакнувајќи дека тие имаат завршено во момент кога економијата е на границата на можностите и дека се заканува кошмар од недостиг на средства и од задушување во сите сектори, додека во исто време кабинетот робува на политички сензационализам и агресивна реторика на адреса на ММФ.
Во меѓувреме стана јасно дека вкупната конфедерација на трудот ГСЕЕ, кој ги обединува вработените во приватниот сектор во Грција ќе свика нов 48-часовен штрајк, најверојатно на Први мај, против нови мерки во рамките на предложената пензиска реформа од владата .
