Економија, финансии, бизнис

Контакт

ПОЛЈАКОТ ШТО ВЛЕЗЕ ВО „ТАЈМИШТЕ“ ЈА МЕНУВА КОМПЛЕТНАТА РАКОВОДНА ПОСТАВА - ќе го заживее ли рудникот кој сега книжи загуби

ПОЛЈАКОТ ШТО ВЛЕЗЕ ВО „ТАЈМИШТЕ“ ЈА МЕНУВА КОМПЛЕТНАТА РАКОВОДНА ПОСТАВА - ќе го заживее ли рудникот кој сега книжи загуби

Полскиот државјанин Војчек Едвард Пилц, кој пред околу еден месец купи близу 22 отсто од акциите на кичевскиот рудник „Тајмиште“, ја менува целата раководна постава во компанијата, а тој ќе биде назначен за претседател на Одборот на директори.

Дали со новото раководство ќе успее да го заживее рудникот кој во последните две години книжи загуби, а истото му се случува и во првото полугодие од годинава, останува да се види во наредниот период.

Промените во управната структура на „Тајмиште“ треба да се случат на 29 октомври, за кога е свикано вонредно Собрание на акционерите.

Инаку, според податоците од Централниот депозитар за хартии од вредност, со последна состојба од понеделникот оваа недела, најголем акционер во рудникот е Владимир Толески, кој поседува 28,5 отсто од акциите. Втор по големина акционер е Наташа Толеска, која располага со 21,98 од акциите.

Додека, речиси сосема сличен процент од акциите поседува Војчек Едвард Пилц, кој располага со 21,88 отсто од акциите во компанијата, а кои ги купи пред околу еден месец.

Во работниот дел е предвидено како прва точка да биде носење на Одлука за отповикување на досегашните членови на Одборот на директори, избор на нови  членови на одборот, отповикување раководител на подружници, именување на нов раководител на подружници, и, планирано е да се донесе одлука за именување на претседател на Одборот на директори.

„Акционери кои поединечно или заедно поседуваат најмалку пет отсто од вкупниот број акции со право на глас можат да предложат дополнување на дневниот ред со барање за вклучување нови точки, доколку истовремено приложат и образложение за предложената точка... во рок од осум дена сметано од денот на објавувањето на  Јавниот повик“, се вели во дописот до акционерите.

На седницата на Собранието може да учествува секој акционер лично или да определи лице кое ќе го застапува со право на гласање со полномошно заверено кај овластен нотар.

Првата предлог одлука за која ќе се гласа е да се отповикаат сегашните членови на Одборот на директори и тоа Горан Донески, извршен член, дипломиран економист, Владимир Толески, неизвршен член, дипломиран рударски инженер, Петре Митрејчески, неизвршен член, дипломиран електро инженер, Слободан Станкоски, неизвршен член, дипломиран рударски инженер, како и Зоран Никодиноски, неизвршен независен член, дипломиран инженер технолог.  

За нови членови на Одборот на директори се предлага да се изберат Роберт Василкоски, извршен член, дипломиран машински инженер, потоа Војчек Едвард Пилч, за неизвршен член, кој е дипломиран економист, како и Јацек Бигосински, за неизвршен член, економист, и двајцата од Полска, Слободан Станковски, за неизвршен член, дипломиран рударски инженер, како и Димитар Павлески, независен неизвршен член, геометар од Скопје.

Една од одлуките е и од позицијата раководител на подружници на друштвото да се отповика Горан Донески, дипломиран економист, а за нов раководител на подружници да се именува Роберт Василкоски, дипломиран машински инженер.

И, како предлог одлука е ставена и избор на претседател на Одбор на директори, место на кое ќе дојде Војчек Едвард Пилч, а тој ќе биде избран и за претседавач на вонредното собрание на друштвото.

Инаку, основни дејности на „Тајмиште“ Кичево се рударски услуги, и тоа транспорт, ископ, дупчење и минирање, потоа производство на жичани производи, и тоа жичано плетиво, истегнат метал и браварија, како и угостителски услуги, односно Хотел Кичево и Куќа на уметноста.  

Како што објави и Фактор, полјакот Војчек Едвард Пилч на 10 август годинава купи 5.764 акции со право на глас или 21,88 проценти од кичевскиот рудник Тајмиште. За таа промена друштвото извести и преку Македонската берза. Продавач на акциите беше Марија Толеска Донеска, која, како што известија од компанијата, повеќе не е акционер во АД Тајмиште.

А, во мај 2020 година, Владата донела одлука за едностран раскин на договорот за концесија со „Тајмиште“ за експлоатација на железна од руда од тој локалитет во Кичево. „Тајмиште“ од Кичево со концесијата требаше во наредните 30 години да стопанисува со рудникот, откако компанијата официјално го потпиша договорот за концесионерство во 2014 година. Се проценува дека овој рудник крие висококвалитетна железна руда доволна за Тајмиште да работи во следните 150 години. Инаку, лани договорот се раскина поради неплаќање на концесискиот надоместок. Во изминатиот период рудникот често не работеше, а малцинските акционери беа во судир со мнозинскиот.

Инаку, „Тајмиште“ во 2018 година имало добивка од само 1.800 евра, но затоа во 2019 година прави голема загуба од 672 илјади евра, за таа дополнително да порасне на 694 илјади евра.

Пад низ годиниве е регистриран и кај приходите од редовни активности кај друштвото.

Загуба друштвото регистрирало и во првото полугодие од 2020 година, и таа изнесува околу 18 илјади евра, што е многу помалку од истиот период лани, кога минусот бил на ниво од 131 илјади евра.

Дали новото раковоство предводено од Полјакот ќе ја крене на нозе компанијата, останува да се види во наредниот период.

Н.Н.Ф.

фото: Википедиа
Слично

Поврзани вести