Полицајци се побунија поради обучувач припадник на „Шарената револуција“
Дел од полицајците денеска ја напуштиле салата каде се одржувал семинарот, затоа што обучувач бил припадник на „Шарената револуција“.
Тие сметаат дека оној кој е во судир со полицијата навечер, не може истовремено да им биде и тренер како да се справат со инциденти од омраза. Од ОБСЕ објаснија дека Павле Богоевски, бил присутен како поранешен асистент на Факултетот за безбедност во Скопје и поранешен ментор на Полициската академија.
На средбата биле присутни полицајци од СВР Тетово, а партнер на ОБСЕ во проектот е Хелсиншкиот комитет.
Министерството за внатрешни работи апелира до Мисијата на ОБСЕ во Скопје во иднина да прави проверки кого ангажира, бидејќи е неприфатливо лица кои нанесуваат штети од стотици илјади евра, кои рушат споменици, ја напаѓаат и навредуваат полицијата во исто време да бидат и нејзини едукатори.
За време на протестите на „Шарената револуција“ во Скопје, Богоевски беше приведен, па ослободен.
