ПОЛИТИКАТА ЈА УБИ НАДЕЖТА: Младите се потешко до работа, чаре бараат преку граница!
Се поголема е разочараноста кај младата популација во земјава.
Политиката која фати корени длабоко во секоја клетка на општеството ја убива и последната ронка надеж. Расте невработеноста кај младите, а тие спасот го бараат вадејќи билет во еден правец.
Податоци кои треба да ги загрижуваат политичарите кои се надмудруваат во време на изборна кампања.
Високи 52,9 отсто изнесува стапката на невработеност кај младите што ја става Македонија на третата позиција на листата во светот. Први на листата се Босанците, додека зад нив се Грците.
Фондацијата „Фридрих Еберт“ годинава покажува дека над 50 проценти од младите преферираат да ја напуштат земјата поради вработување или подобра финансиска состојба. Партиските книшки кои пак се клучни за влез во административниот сектор дополнително додаваат масло на огнот.
Резултатите од истражувањето на Студијата за млади од 2013 година на Фридрих Еберт Штифтунг, покажува дека повеќе од 60% од млади над 18 години сметат дека тешко ќе најдат работа додека 99 отсто од младите сакаат да работат, но само 17,9 проценти, или помалку од една петтина, заработуваат од работа.
Проблем кој тлее со години
Факт е дека отсекогаш имало одлевање на млади мозоци, но во последните години оваа проблематика стана се по застапена.
Ниските плати, недоволно ценетиот труд и политичките врски за добивање работа се најголемите фактори кои избркаа илјадници млади од земјава.
Експертите препорачуваат итни реформи во образовниот систем како и негово усогласување со пазарот на труд.
Некои пак велат дека не станува збор секогаш за безперспективност, станува збор понекогаш за потрага по подобра индивидуална иднина или за нешто што можеби некогаш се нарекува авантуризам.
Подвижноста на работната сила во развиените земји е главна карактеристика во побарувањето на квалитетни и дефицитарни стручњаци. Без нив нема развој и на домашната економија, особено на динамичната ИТ индустрија.
Компаниите треба да бидат загрижени да не ги губат своите добри работници од една страна, а така и универзитетите треба да бидат загрижени и да се обидат да ги чуваат сите оние кои можат да направат повеќе, но се додека пресудна е партиската книшка тешко дека нешто ќе ги запре младите .
Голем број на високообразовани, способни и талентирани млади луѓе
вклучувајќи се и себеси, имаат толку многу да и понудат на оваа држава. Тоа го знаеме
бидејќи гледаме дека нашата интелектуална младина работи во инжинерски,
фармацевтски, докторски и други позиции во странство. Како и во маркетингот, нашата
држава мора да препознае што е тоа што треба да го понуди за да ги задржи своите
интелектуалци да креираат и создаваат во својот роден крај.
За нашата држава да одговори на
предизвиците со кои се соочуваат младите луѓе мора да го насочи своето кормило кон
хоризонтот на двете основни движечки сили, финансиите и
чувството на ценетост.
Ирена Ставрова
