Економија, финансии, бизнис

Контакт

Политичкото како бегство

Политичкото како бегство

Драги мои, еве нè пак и во оваа, нова 2016. Нека ни е среќна и радосна, далеку подобра од минатата. За да ни биде таква, веројатно треба помалку да нè оптоварува политиката, а повеќе да се радуваме на животот. Барем јас ја почувствував таа потреба. Затоа, годинава решив, голем дел од моиве писанија да не бидат експлицитно политички, или барем дневно – политички. Оти на крајот на краиштата, политичкото е само своевидно бегство или во најлош случај трујач на нашата жизнерадосност. Затоа денеска ќе ви глаголам за тоа.

Од кога постои, човештвото е во потрага по идеално општество, по своевидна утопија која би ги решила човековите маки. И во сите дијагнози, на сите мислители, теоретичари, утописти, политичари...се констатира еден факт-човекот е несреќно суштествои треба интервенција во политичкото за да се промени таа состојба. Токму на ваква воопштена констатација би можеле да ги сведеме сите социо-политички дијагнози. Да, човекот е трагично и несреќно суштество, тоа е нешто во што сите се согласуваат. Разликите не се на ниво на дијагноза, разликите се јавуваат на ниво на терапија: левичари, десничари, либерали, демократи, комунисти, анархисти...сите имаат различен лек за ваквата трагична состојба.

И токму благодарение на оваа наивна верба во политичките средства како валидна терапија за тешката дијагноза, всушност и опстојува политичкото воопшто. Но, за жал таа верба е илузија. Да, човекот е длабоко несреќно и трагично суштество, но терапијата е несоодветна-ниту една општествена акција не може да ја промени оваа состојба. Затоа што таквата состојба е иманентна на човековата метафизичка природа, таа не е производ на општествено-политичките околности. Човекот во својата длабока природа е противречно и трагично суштество, а не во контекстот во кој ја остварува својата егзистенција.

Но, човек се мами, мисли дека е потребно само да се смени системот, да се промени уредувањето и одеднаш сè ќе биде поинаку, дека одеднаш сè ќе се смени, дека ќе блесне нова зора, дека неговата природа ќе се трансформира и препороди...и види чудо, тој ќе стане среќно, безмалку и бесмртно суштество. Токму на оваа илузија почива политичката илузија. Токму заради тоа што во текот на историјата некаде таму далеку во минатото сме го испуштиле, сме го загубиле ова темелно сознание, сме го потрупале, намерно или ненамерно сме заборавиле каде е изворот и лекот за човечките несреќи. Сме го грабнале политичкото дејствување, можеби и да заборавиме на тој корен, да се опиеме, дури и да создадеме илузија дека еве божем нешто чиниме, правиме дејствуваме...Затоа што тешко е тоа сознание дека проблемот е иманентен, длабоко во нас, и дека промената, лекот е работа врз себе, а не надвор од себе. А тоа е тешко, ѓаволски тешка е работата врз себе, затоа подобро, полесно ни е да „работиме“ на нешто надвор од себе, надевајќи се дека тоа ќе промени нешто внатре. А и полесно ни е така да се оправдаме себе си, затоа што постојано ќе имаме да обвиниме некој надвор од нас, некој од кој наводно зависи нашата среќа или несреќа. Така, политичкото се јавува како бегство, како прибежиште, како за оние кои се владеани  - затоа што мислат дека нивната несреќа е причинета од друг - така и за владетелите - кои се надеваат дека власта ќе им ја донесе среќата. Така, и владеаните и владетелите постојано се лажат еден со друг во еден постојан, маѓичен груг со години и векови надевајќи се...

А од кого може да зависи мојата и само мојата среќа или несреќа, освен од мене самиот...и многу веројатно од Севишниот.

Д-р Трајче Стојанов

Слично

Поврзани вести