Економија, финансии, бизнис

Контакт

Политичките пораки на Илинден

Политичките пораки на Илинден
Големиот државен празник Илинден македонските политичари го искористија за да упатат пораки кои не се директно поврзани со македонската револуционерна борба и важниот историски датум. Шефот на државата Ѓорге Иванов овој Илинден го одбележа покрај споменикот на Методија Андонов Ченто во центарот на Скопје.
„Некои уште одбиваат да поверуваат дека Република Македонија е реалност на Балканот и реалност во Европа. Го негираат нашиот јазик, име и идентитет, живеат во илузија и бараат одговор на македонското прашање без Македонците и македонскиот идентитет. Оној што бара да се придружи на славењето на првиот Илинден, треба да знае дека со тоа го слави и вториот и третиот Илинден“, нагласи Иванов, индиректно упатувајќи порака до бугарските власти кои бараа заедничко одбележување на овој празник.
Премиерот Никола Груевски остро се обрати кон Европа, но упати пораки и до опозицијата и до Албанците во Македонија во својот говор од Пелинце.
„Проблемот на Македонија не е само наш проблем туку е европски проблем. Ако некој мисли дека со игнорирање на овој проблем ќе создаде решение, длабоко се лаже. Игнорирањето само го помага проблемот да се зголемува и продлабочува. Европа не смее интересот да го става над принципите и вредностите. Така само ги потхранува скептиците“, рече Груевски. „Немојте да им давате аргументи на сите оние кои ги бараат за да ни направат штета. Сакате да поставите барања? Во ред. Поставете разумни барања и јас ветувам дека како гарнитура сме спремни разумните барања да ги прифатиме“, им порача Груевски на политичките опоненти. „Сакам да упатам порака до сите оние кои ги ставаат на тест меѓуетничките односи. Ова не е 2001, ниту може да биде. Ајде заеднички да покажеме дека можеме да живееме сложно. Ние нема да дозволиме ситни провокатори , кои многу добро ги знаеме да потпалуваат“, нагласи на крајот Груевски.
Претседателот на Собранието Трајко Вељаноски годинава беше во Крушево, на централната манифестација на Мечкин Камен. Освен за политиката, зборуваше и за најавените уставни измени, семејството и наталитетот.
„Не смееме да говориме за ’наши', и  за ’ваши' кога станува збор за Македонија. Македонија е нашата единствена партија и единствена програмска платформа. Да си подадеме рака и да си простиме за се', затоа што сите ние сме Македонија. Да застанеме сите зад иднината на Македонија и да работиме сложно како што се бореа и комитите и партизаните, и припадниците на македонската левица и припаднците на македонската десница. Да не дозволиме нашите различни интереси да ги загрозат интересите на Македонија“, се обрати Вељаноски кон опозицијата. „Македонија не е, ниту некогаш ќе биде закана за Република Грција. Македонскиот народ не е, ниту некогаш ќе биде закана за грчкиот народ. Изразуваме јасна подготвеност за понатамошен развој на добрососедските односи и вкупната соработка на економски и на секаков друг план. Мораме повеќе да гледаме на нештата што не спојуваат отколку на оние што не разделуваат. Верувам дека ќе соработуваме меѓутоа тоа мора да биде на рамноправни основи. Во духот на христијанската љубов во период кога светот се соочува со овие геополитички предизвици, Република Македонија и Грција мора да завртат нова страна од историјата, верата, надежта и љубовта ќе бидат точките кои ќе ги обединат двата народа најпрво помеѓу себе, а потоа и со истиот бог на кој му припаѓаме и на кој му се молиме“, нагласи тој за односите со Атина. „Залудна е секоја жртва на слободата на Македонија доколку морално пропаѓаме. Семејството, како заедница на еден маж и една жена, во која децата слободно се развиваат не смееме да дозволиме да биде релативизирано. Да продолжиме да промовираме проекти кои ќе придонесат повторно детскиот џагор да се слуша низ македонските села и градови. Да продолжиме со промовирање на политики кои ќе го зголемат наталитетот во државата затоа што Македонија ја прават луѓето кои живеат и творат во неа“, истакна Вељаноски во својот говор.
Слично

Поврзани вести