Политичката нестабилност ќе го „разниша“ бизнисот - кои сектори ќе бидат на удар?
Македонија повеќе од две години е во политичка криза, а во последниот период на политичката сцена има низа превирања и неизвесност околу формирањето на новата влада.
Ова ќе биде удар за бизнисот во Македонија. Се смета дека малите и средните претпријатија последни чувствуваат штети од политичките случувања, но веќе треба да се алармира.
Од Стопанската комора на северозападна Македонија велат дека во последните две години, откако почна политичката криза тоа несомнено имаше негативно влијание врз економијата на земјата. Оттаму објаснуваат дека ваквата политичка криза влијаеше економијата на Македонија да бележи рекордно ниско ниво на раст на економијата. Според нив, несомнено е дека кризата ќе се одрази значително врз македонската економија, и сметаат дека ова ќе придонесе за бизнисите да продолжат да имаат проблеми со ликвидност, проблеми со тековното работење, со неподмирување на тековните обврски, а и раскинување на договори или стагнирање на некои договори, затоа што се соочуваат со потешкотии во нивното спроведување, вклучувајќи ги тука и државните институции, односно тоа ќе биде силен удар врз бизнисот и ова може да влијае во стагнирање на економскиот раст.
„Сметаме дека како и во 2016 година, така и 2017 година ќе биде тешка година за бизнисот, но и за Македонија. Фактот дека наскоро би требало да имаме нова влада, потоа и локални избори, па ниту во светски рамки не се гледа дека 2017-та година ќе биде добра од економски аспект. Истотака, согласно економските платформи на политичките партии нашата земја ќе продолжи да се задолжува, но тоа што е по загрижувачки е фактот дека новите долгови нема да бидат наменети за продуктивни цели кои што би овозможиле да ја движат напред економијата. Затоа, сметаме дека за бизнисот конечно да може да почне да работи со полн капацитет, треба да владее економската логика кај политичарите и во што поскоро време да се состави новата влада бидејќи на бизнис заедницата им се потребни ефикасни институции. Истотака, новата влада треба да се фокусира да го спроведе законот за рамноправен регионален развој како предуслов за економски развој и да им овозможи подобри услови за водење на бизнис за домашните компании“ – објаснуваат од Стопанска комора на северозападна Македонија.
Од комората додаваат дека веќе неколку години градежништвото има значително влијание врз растот на БДП, а градежниот сектор во 2015-2016 година учествуваше со околу 16% во БДП. Овие бројки се одраз на фактот дека државата е главниот инвеститор во градежни активности, и доколку продолжи ова криза, односно доколку не се конституира владата тоа би значело оперативните активности да се прекинат и тоа би влијаело и врз вкупната економија, тврдат од Стопанска комора на северозападна Македонија. Доколку градежниот сектор биде погоден од актуелната политичка криза тоа може да влијае и на банкарскиот сектор.
