Економија, финансии, бизнис

Контакт

ПОЛИТИЧКА СЕБИЧНОСТ: Се урива надежта за економски просперитет!

ПОЛИТИЧКА СЕБИЧНОСТ: Се урива надежта за економски просперитет!
Економијата годинава ќе расте со забавено темпо, а причината се политичките превирања, се посочува во најновиот извештај на Светска банка. Според прогнозите оваа година економскиот раст ќе биде 3,2 отсто, а следната година 3,4 отсто, но и овие прогнози зависат од случувањата на политичката сцена. Во извештајот Светска банка посочува дека двигатели на растот  ќе бидат зголемените јавни инвестиции, извозот и индустриско производство. -Податоците укажуваат умерено забавување на економската активност во 2015-та година, што е поврзано со актуелните политички превирања. Во првата половина од 2015-та година растот на индустриското производство беше забавен, инициран од забавување во повеќе индустрии како рударство, облека тутун, електро опрема, неметални производи, градежништвото остана стабилно. Се очекува економскиот раст да се зголеми во 2016 и 2017 година, достигнувајќи 3,4 и 3,7, под претпоставка дека не постои понатамошна ескалација на политичката криза. Јавните инвестиции, извезувањата од директните инвестиции и во помала мера производството се очекува да донесат пораст. Личната потрошувачка се очекува да се зголеми постепено како што ќе се зголемуваат вработувањата, се посочува во извештајот. Политичката криза ќе го стопи растот Според домашните експерти ваквите оценки се очекувани и веќе предупредија дека неизвесноста од политичката криза ќе го стопи растот. Натамошното одолговлекување на кризата е можно негативно да се одрази и врз еконмскиот раст проектиран за следната година. -Во услови на поголема неизвесност генерирана од политичките случувања, бавен раст на економиите на најголемите трговски партнери и неповолни економски движења на глобално ниво, не би можеле да очекуваме повисоки стапки на раст од претходно проектираните. Остварувањето на проекциите во најголема мера ќе зависи од реализирањето на странските директни инвестиции и капиталните трошоци на државата. Но, покрај негативниот ефект врз странските инвестиции, зголемените ризици од политичката криза негативно ќе се одразат и врз домашните инвеститори и може да го забави економскиот раст и во следната година, вели Благица Петрески, од Институтот за економски истражувања и политики “Finance think”. И гувернерот на Народната банка Димитар Богов изјави дека негативните последици од политичката криза веќе се одразија врз економијата и наскоро Народната банка ќе излезе со нови, намалени проекции за економски раст. -Секако дека политичката неизвесност негативно ќе влијае, но се надевам дека оваа ситуација брзо ќе се надмине, бидејќи на економските агенти им е потребна извесност и стабилно опкружување за работењето.Ние во април излеговме со проекција од 4,1 % економски раст за оваа година, но веќе е јасно дека тој нема да се оствари односно дека ќе биде понизок.Во моментов работиме анализи и за една до две недели ќе кажеме кои се најновите очекувања за раст за оваа и за наредната година. Доколку се реши сегашната ситуација и доколку имаме  политичка стабилност тоа би било многу подобро за нашата економија, изјави гувернерот Богов. Владата првично проектираше раст на БДП од 4 отсто, а со ребалансот го ревидираше на 3,5 отсто. Според последните податоци од Заводот дека економијата во вториот кваратл од годинава испорача раст од 2,6 отсто што е помалку во однос на првиот квартал кога растот беше 3,2%.  Јавниот долг ќе продолжи да расте Светска банка наведува дека Владата ги ревидираше проекциите за дефицитот и ги зголеми расходите, при тоа укажувајќи дека од 2012-та година Владата не успеала да ги исполни фискалните цели што покажува слабост во управувањето со јавните финансии. -Владата ги ревидираше проекциите на фискалниот дефицит за 2015 година. Владата неодамна направи ребаланс на Буџетот за 2015 година, со што  ги зголеми расходите. Околу две третини од јавните трошоци се состојат од платите во јавниот сектор, социјалните трансфери и субвенции, капиталните расходи се ниски и постојано под планираната реализација. Додека владата прави напори да се намали уделот на плати и надоместоци за невработеност во вкупните трошоци, зголемувањето на пензиите, социјалната помош и субвенциите  ги засенуваат овие напори.Капиталните расходи се намалија како процент од вкупните трошоци во изминатите три години. Владата не ги исполни фискалните цели од 2012 година, што покажува слабост во управувањето со јавните финансии, псочува Светска банка. Иако е се уште понизок од просекот во регионот, јавниот долг на Република Македонија брзо се зголемил во последниве години, укажуваат од Светска банка. Од 2008 година досега јавниот долг е речиси двојно зголемен, достигнувајќи 43,7 отсто од БДП во првиот квартал на 2015 година. Во извештајот се наведува дека во следниот период се очекува зголемување на долгот. - Владата го забрза домашното задолжување за да ја отплати еврообврзницата од 150 милиони евра и да покрие дел од буџетските потреби преку дефицитот за 2016 година. Јавниот долг се очекува да достигне 50 проценти од БДП во 2017 година, нотираат од Светска банка. На среден рок се очекува пад на стапките на сиромаштија Во извештајот се наведува дека на среден рок се очекува пад на стапките на сиромаштија што треба да биде условено од зголемувањето на вработеноста. Се очекува дека зголемувањата на социјалните бенефиции  ќе влијаат врз намалувањето на сиромаштијата во блиска иднина но дека тоа може да има импликации врз фискалната одржливост. -Како и во последните неколку години, малку е веројатно да се очекува дека просечниот годишен раст од 1 процент во земјоделството ќе доведе до значителни отворање на вработувања или до зголемување на заработувачката во фармерството, со што најверојатно нема значително да се намали руралната сиромаштија на краток рок. Сиромаштијата е намалена во последните неколку години, по растот на вработувањето и зголемувањата на владините трансфери. Државните проценки покажуваат намалување на стапката на сиромаштија од 27,0 отсто во 2010 на 24,2 во 2013 година, и покрај зголемувањето од 6 отсто на границата за сиромаштија, што покажува подобрување на условите за живот, се наведува во извештајот. Како клучни предизвици со кои ќе треба да соочи Македонија во перидот што следува, Светска банка ги посочува последиците од политичката криза, одржлива и ефикасна фискална консолидација консолидација, намалување на невработеноста, особено на долгорочната невработеност кај младите. Т.С
Слично

Поврзани вести