ПОЛИТИЧКА КРИЗА VS ЕКОНОМИЈА: Каде плови овој брод?
Економијата не може да се гледа изолирано од политиката, а сегашната политичка криза неминовно ќе се одрази врз економските текови во државата, укажуваат економистите.Политичката стабилност е клучна за економијата, бизнис заедницата бара институционална доверба и одржливи закони. Во услови на политичка криза се губи сигурноста на капиталот, што е особено важно за странските инвеститори, вели универзитетскиот професор Сами Бислими.
-Влошените меѓупартиски односи доведоа до влошување на политичката клима во земјата. Тоа несомнено ќе има негативно влијание и врз економските текови на домашната економија. Во услови на политичка криза се губи сигурноста на капиталот, а кога се нема сигурност тогаш се доведува во прашанје и мотивот за стопанисуваее.т.е. профитот. Освен домашната политичка криза, дополнително дејствијата во Украина и санкциите на ЕУ кон Русија, можат да доведат до состојба на рецесија, намален извоз, а со тоа и намален прилив на средства на тековната сметка.
Дополнителен проблем е што странските инвеститори се многу по внимателни во одлуките за инвестирање, доколку политичата криза не се реши во најкратко можно време, со што на директен начин се влијае во влошување на состојбата на финансиската сметка. Импликациите од влошената состојба на тековната и финансиската сметка, ќе доведе до зголемување на дефицитот во платниот биланс на земјата. Во таква состојба, решението е во: намалување на девизните резерви, или, пак, дополнително задолжување, со цел покривање на дефицитот во тековната сметка, во спротивно ќе се соочиме со проблемот на инсолвентност, вели универзитетскиот професор, Сами Бислими.
Според универзитетскиот професор Мирољуб Шукаров, случувањата на политичката криза ќе ги прави претпазливи странските инвеститори, и тоа не само оние кои допрва треба да инвестираат туку и инвеститорите кои веќе работат во земјава.
-Странските инвеститори се секогаш претпазливи кога донесуваат одлуки за навлегување во некоја земја. Тие ги анализираат сите информации, а особено оние од политичка, безбедносна природа. И самото постоење на информација за „пуч“ или владина, парламентарна криза, или можноста за близина на предвремени избори ги прави уште попретпазливи. И самото споменување на можни судски разврски за злоупотреби на евентуалните концесионерски преговори и постоењето на дискрециони и „екстра“ понудени погодности ги прави потенцијалните инвеститори посебно претпазливи. Тие ќе ја чекаат разврската. Дури и оние кои се веќе присутни на територијата на Македонија ќе се затворат и ќе внимаваат на развојот на настаните. Не сакаат да бидат дел од некој туѓ „скандал“, корупциска афера. Дури и традиционалните и со години негувани извозни трговски партнери на македонските фирми ќе се обидуваат да најдат резервни добавувачи сомневајќи се, поради евентуалната нестабилност на земјата, дека нема да можат навремено да се испорачуваат договорените количини на стоки и услуги. Тоа може да предизвика и подолгорочни последици на економски план, вели универзитетскиот професор Мирољуб Шукаров.
Дел од бизнисмените веќе потврдија дека странските инвеститори се претпазливи со одлуките, дури имало и такви кои поради политичките случувања засега се откажале од инвестирање.
-Домашните компании се навиканти на вакви состојби и се подготвени за предизвиците што ги очекуваат. Но тоа е важи и за странските инвеститори на чие привлекување работиме сите ние. За жал влијанието на ваквите политички случувања кај странските инвеститори е лошо. Ние имаме и конкретен случај со инвеститор кој сакаше да инвестира во слободната економска зона во Тетово, но тој ја откажа инвестицијата за некое подобро време, реакција што е резултат на политичката состојба, вели Мендерес Кучи, претседател на Стопанската Комора на Северозападна Македонија
И премиерот Никола Груевски во своето обраќање деновиве потврди дека дел од инвеститорите се интересирале за актуелната политичка состојба, но дека сепак нема да ги откажат инвестициите.
-Секако дека ова има негативно влијание врз инвеститорите и дел од нив се јавија со загриженост да прашаат што точно случува. Точно тоа се случи минатата недела со една таква компанија, која што се интересираше кај нашите министри што точно се случува и дали да ги продолжат нивните намери за инвестирање односно нивните планови. По нашето објаснување тие за среќа донесоа одлука да продолжат понатаму со планот кој што го имаат за инвестирање во земјава, изјави неодамна премиерот Никола Груевски.
Според податоците од Народната банка, салдото на странски инвестиции лани во споредба со претходната 2013-та година бележи пад од околу 21 милиони евра. Годинава Владата прогнозира економскиот раст од 3,5 до нешто над 4%, намалување на невработеноста, зголемување на вработеноста, пораст на бруто инвестициите за околу 8 ,задолжувањата ќе забават, а буџетскиот дефицит ќе биде на ниво од 3,5%. Годинава ќе продолжи реализацијата на најавените проекти од патната и железничката инфраструктура. Според бизнисмените и економистите е значајно дали поради политичките турбуленции ќе се урнат оптимистичките економски проекции.
-Политичките афери од оваков обем создаваат впечаток за близина и можност за предвремени парламентарни избори. Секои избори претставуваат извор на привремена и краткотрајна економска нестабилност. Во очекување на изборниот резултат, фирмите калкулираат со сопствената деловна активност, особено оние фирми кои во голема мерка се потпираат врз буџетски извори. Овој сегмент несмее да се занемари токму затоа што огромен дел од стопанската активност во изминатиот период, директно или индиректно, е поврзана со финансиската активност на државата. Дури и пресметките на планираната активност и стапки на раст во наредниот период се темелат (не само на владата, туку и на ММФ, Светската Банка и други) врз проценките за инвестициите од странските компании привлечени во т.н. слободни индустриски зони, и оттаму создадената финансиска зголемена домашна финална потрошувачка, како и инвестициската државна градежна активност. Токму затоа и неможе да се очекува дека планираните стапки на раст ќе се задржат на исто или приближно ниво, вели универзитетскиот професор Шукаров.
Премиерот Груевски деновиве изјави дека не прифаќа техничка влада и дека нема да има предвремени парламентарни избори.
Политичката криза ја поткопа довербата во институциите
Политичките бомби на опозицијата веќе ја отворија дилемата и за довербата во државните институции. Во јавноста излегоа снимки со разговори на функционери за местење на судии и судски одлуки. Според професорот Шукаров, легалната одржлива економија не вирее во услови на правна несигурност.
-Политичката состојба низ која поминува земјата може да се дефинира како криза, но и како период на огромна политичка и безбедносна нестабилност. При тоа воопшто не се мисли на чисто безбедносните аспекти на одбраната на земјата од странски или домашен непријател, туку како своевидно општо препознавање на отсуство на инситуционална стабилност на земјата. А, тоа е најстрашното, најфундаменталното. За да може земја да поминува низ период на економски просперитет мора, како предуслов да постои институционална стабилност. Тоа е “conditio sine qua non”, односно примарен услов. Сите други услови се секундарни. Економската стабилност и просперитет се последица на институционален оптимизам или верба во институциите. Делувањето на песимизмот, а тоа во случајов е отсуство на институции (не само отсуство на институционален капацитет, туку на институции воопшто) влијае поразително врз сите легални облици на економија. Легалната одржлива економија не вирее во услови на аномија, беззаконие, па дури и само правна несигурност, вели универзитетскиот професор Шукаров.
Аналитичарите укажуваат дека во земјава веќе одамна е разнишана интситуционалната доверба, а политичките бомби дополнително ја поткопаа.
-Во услови на политичка криза довербата на граѓаните и на бизнис заедницата кон институциите опаѓа, а доколку состојбата на криза набрзо не се реши, тогаш се доведува во прашање не само степенот на функционалноста, туку и нивното постоење. Тогаш системот се руши од внатре, што не би смеело да се дозволи, вели универзитетскиот професор Бислими.
Европската комисија во последниот извештај нотираше дека постои сериозна загриженост поради владината контрола врз јавните институции и медиумите, но и дека е нарушена довербата во јавните институции поради нивната партизираност. Брисел порача да се решат проблемите со слободата на изразувањето и медиумите, независноста на судството и квалитетот на судството.
Ј.С
Слично
