Полицијата спрема пријави за организаторите на протестот на стечајците
Министерството за внатрешни работи соопшти дека за време на денешниот протест на стечајните работници повеќепати бил нарушен јавниот ред и мир, со демолирање на заштитната ограда и туркање на полицискиот кордон.
Заради ова полицијата ќе поднесе пријави против организаторот на протестот и против еден од сторителите, кој бил идентификуван и легитимиран.
Протестот на неколку стотини стечајни работници ескалираше денеска пред зградата на Владата, каде што незадоволните се обидоа да го пробијат полицискиот кордон, но беа спречени. Двајца од учесниците беа на кратко приведени, а потоа пуштени на слобода.
Стечајците се жалат дека полицијата употребила сила при обидот да ги спречи да влезат во владината зграда. Попладнево тие побараа прием во Владата за да добијат објаснување зошто биле насила влечени од полицајците, но и за да побараат решавање на нивниот статус.
Од ЛДП побараа одговорност од министерката Гордана Јанкуловска за интервенцијата на полицијата на протестите. Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, сметаат дека зад протестите стои опозициската СДСМ.
Стечајните работници денешниот протест го започнаа пред Сојузот на синдикати на Македонија со обвинувања до претседателот на ССМ Живко Митревски дека не ги штити работничките права. Продолжија пред Собранието и пред Владата. Со протестот тие го изразуваат незадоволството затоа што дел од нив не се опфатени со последното законско решение со кое се предвидува месечен паричен надоместок до пензионирање.
Ова важи за стечајците кои работеле во фирми што се во мнозинска државна сопственост, но не и за оние кои пред извесно време биле трансформирани во акционерски друштва и приватизирани.
Слично
